Дали е подобро да се работи четири или пет дена во неделата? Поддржувачите на четиридневната работна недела тврдат дека тоа ќе го реши недостигот на квалификувани работници со зголемување на продуктивноста на вработените.
Експериментот започнува во февруари. Потоа 45 компании и организации во Германија ќе воведат четиридневна работна недела за шест месеци. Вработените ќе ја добиваат целата плата, иако поминуваат значително помалку време на работа.
Овој проект е инициран од страна на консултантската куќа за управување Интрапреноер (Intraprenoer), која соработува со непрофитната организација 4 Деј Вик Глобал (4 Day Week Global-4DWG). Но, како тоа треба да функционира во пракса? Особено ако се земе предвид дека во Германија има недостиг од квалификувана работна сила. Зарем не би било подобро да се направи повеќе наместо помалку?
Нo поддржувачите тврдат дека четиридневната работна недела ќе помогне во недостигот на квалификувани работници со зголемување на продуктивноста на вработените. Аргумент: оние кои работат само четири дена наместо пет се помотивирани и затоа се попродуктивни. Дополнително, ова би можело да ги интересира оние кои не сакаат да работат пет дена, пишува Дојче веле.
Велика Британија со добри резултати
Четиридневната работна недела веќе е испробана во пракса. Од 2019 година, организацијата 4ДВГ спроведува вакви пилот програми во Велика Британија, Јужна Африка, Австралија, Ирска и САД.
Според податоците на оваа невладина организација досега учествувале повеќе од 500 компании. Резултатите се чини дека ги потврдуваат надежите за позитивни ефекти.
Во Велика Британија во овој експеримент биле вклучени 2.900 вработени во финансискиот сектор, ИТ секторот и градежништвото, во онлајн шопинг, студија за анимација, маркетинг или во киосци за брза храна.
Според научниците од Кембриџ и Бостон, бројот на денови на боледување е намален за околу две третини, а речиси 40 отсто од вработените изјавиле дека по експериментот чувствувале помал стрес отколку порано. Дополнително, бројот на вработени кои се откажале од работата паднал за 57 отсто, а научниците забележале просечен пораст на прометот од околу 1,4 отсто. Најмалку 56 од 61 компанија што учествуваа во експериментот рекоа дека сакаат да ја задржат четиридневната работна недела по завршувањето на тест фазата.
Не секој сака да работи помалку
Па од февруари па натаму, Германците ќе гледаат со завист кон учесниците на пилот проектот? Не мора нужно да биде така, покажува истражувањето на синдикалната фондација Ханс Боеклер. Според нив, речиси три четвртини од вработените со полно работно време би претпочитале четиридневна работна недела со иста плата. Осум проценти сметаат дека четиридневната работна недела е добра, дури и со намалени плати. Но 17 проценти одбиваат пократко работно време.
Пилот студиите немаат смисла
Компаниите кои сега учествуваат во пилот проект во Германија се пријавија пред неколку месеци. И токму тука започнува проблемот, вели експертот за пазарот на труд Енцо Вебер, кој е критичен кон резултатите од претходните пилот проекти.
Тој спроведува истражувања на Универзитетот во Регенсбург и на Институтот за истражување на пазарот на трудот и истражувања на професиите. Тој предупредува дека за вакви проекти се пријавуваат само фирмите за кои четиридневната работна недела е позитивна, па затоа не одразуваат репрезентативен пресек на економијата.
„Дополнително, не само што би се скратило работното време, туку би се промениле и работните процеси и организацијата. Ако потоа дојде до зголемување на продуктивноста, тоа не мора да е причинско-последично поврзано со пократко работно време“, вели Вебер.
Позитивните резултати се исто така сомнителни бидејќи скратувањето на работната недела најверојатно би резултирало со интензивирање на работата, смета Вебер. Социјалните, комуникативните и креативните елементи остануваат настрана.
„Компаниите обично не ги чувствуваат последиците веднаш, туку на среден рок“, истакнува научникот и предупредува дека студиите биле дизајнирани да траат само шест месеци.
Сомнежи за зголемување на продуктивноста
Холгер Шефер од Институтот за германска економија исто така смета дека воведувањето четиридневна работна недела низ Германија би било контрапродуктивно.
„Она што може да изгледа разумно од микроекономска гледна точка, на пример, ако конкурентите со четиридневна работна недела можат да привлечат дефицитарни работници, исчезнува кога се гледа од макроекономска гледна точка. Ако сите компании го намалат работното време, на крајот ќе има дефицит на работното време“, вели Шефер.
Дополнително, нема индикации дека намалувањето на работното време би можело значително да ја зголеми продуктивноста.
„Скратувањето на работната недела од пет на четири дена одговара на намалување на работното време за 20 отсто. За да се компензира падот на производството што произлегува, продуктивноста на час би требало да се зголеми за 25 проценти“. Затоа Шефер го смета овој експеримент за утопија.
Недела Икс
Дека четиридневната работна недела може да има смисла во некои компании е видливо во занаетчискиот сектор. Според Јорг Дитрих, претседател на Централното здружение на германски занаетчии, работодавците би ја зголемиле својата привлечност, а со тоа и нивните шанси да се натпреваруваат за висококвалификувани работници.
Сепак, ова не би функционирало подеднакво добро насекаде. Заклучокот на Дитрих: „општо формулираното законско право на четиридневна работна недела не би помогнало никому и за компаниите би значело само дополнителна бирократија“.
Против законски регулираното право на четиридневна работна недела е и Вебер, кој се залага за индивидуални решенија. Тоа го нарекува „Недела Икс“.
Во ова добива поддршка од средните компании. Тие исто така се залагаат за индивидуални решенија договорени меѓу вработените и работодавачите, вели Кристоф Алхаус, генерален директор на Федералната асоцијација на средни компании.
Но средните компании, од друга страна, го отфрлаат мешањето на Владата што би резултирало со помалку работни часови за целосна заработка. Но, и покрај сите критички аргументи, интересно е што синдикатот ИГ Метал веќе подолго време бара намалување на работното време.
А веќе сега вработените во челичната индустрија работат само 35 часа неделно.