Федералниот затвор на островот Алкатраз, недалеку од Сан Франциско, важел за најсигурен и најчуван затвор во Америка од средината на 30-тите години од минатиот век, се до своето затворање во 1963 година.
Од воен до најозлогласен цивилен затвор
Поради поволната стратешка положба островот од средина на 19. век служел како воена база на американската војска, а во 1853 година, тука е направена воена тврдина и прв светилник на пацифичкиот остров.
Војската островот почнала набргу да го користи за сместување на воени заробеници. Веќе во 1861 година на островот почнале да пристигнуваат заробеници од американската граѓанска војна, а подоцна и од шпанско-американската војна. Поради тоа, во 1868 година, Алкатраз официјално станува воен затвор. Новата трикатна зграда на затворот изградена е помеѓу 1912 и 1920 година.
Што имала затворската зграда?
Зградата се состоела од кантина, кујна, берберница, управничка канцеларија, соби за посети, библиотеки и имала четири блокови со ќелии. Најозлогласен бил Д-блокот, кој имал 36 ќелии и шест самици, каде се сместувани најпроблематичните затвореници.
Ќелиите биле многу мали. Во три квадратни метри затвореникот имал кревет, лавабо, вц-шолја и една маса. Покрај затворскиот комплекс, на островот се направени и станбени згради, за сместување војници, чувари и нивните семејства.
Алкатраз станал федерален цивилен затвор во август 1934 година, тогаш главната зграда на затворот е модернизирана и обезбедувањето било зајакнато. Набргу добил репутација на затвор од кој е невозможно да се избега.
Доколку затвореникот успее некако да им избега на чуварите, поради ладното море и силните морски струи неизводливо е да се преплива до брегот на Сан Франциско кој е оддалечен преку два километри.
Алкатраз бил исклучиво наменет за најпроблематичните затвореници кои константно имале проблем со законот и правеле проблеми и во другите федерални затвори. По само година дена работа на Алкатраз, однесувањето во другите затвори се поправило бидејќи никој не сакал да заврши во Алкатраз.
Медиумите пренесуваат дека еден писател своевремено изјавил дека Алкатраз е „голема канта на Сан Франциско во која сите затвори ги фрлаат своите најрасипани јаболка“.
Освен што имал репутација на затвор од кој е невозможно да се избега, стекнал и репутација на затвор во кој е невозможно да се живее. Условите за живот биле крајно нехумани, а чуварите често брутално ги претепувале затворениците.
Афроамериканците биле одвоени од белците поради константно расно насилство. Поради ова многумина затвореници губеле разум и биле со слабо ментално здравје.
Прочуениот „Кодекс на тишината“
Затворениците немале право да зборуваат меѓусебно. Ова правило е нарекувано „кодекс на тишината“. Весниците биле строго забранети како и било какво внесување на информации од надворешниот свет. Затворениците имале право да работат во некои од затворските работилници и тоа се сметало за привилегија.
Затворениците имале пристап до затворската библиотека од која се отстранети сите содржини поврзани со насилство. Се проценува дека просечен затвореник во Алкатраз читал околу 150 книги годишно.
Животот во затворот бил суров, а затворениците имале четири права- медицинска грижа, засолниште, храна и облека. Рекреативните права морало да се заработат со напорна работа.
Алкатраз беше дом на озлогласените криминалци како Ал Капоне, кој беше осуден за затајување данок и беше во затворот од 1934 до 1939 година. Во затворот бил познат и како затвореникот број 85.
Постепено подобрување на условите
Според медиумските извештаи, во текот на 50-тите години условите во Алкатраз постепено се подобрувале, на затворениците им било дозволено да свират на музички инстурменти, да слушаат радио и тивко да разговараат.
Вкупно 36 затвореници се обиделе повеќепати да избегаат од Алкатраз. Официјалните информации велат дека никому тоа не му успеало, 23 лица биле фатени, шест биле убиени во текот на бегството, две лица се удавиле, а петмина затвореници се водат како исчезнати.
За еден од најпознатите обиди за бегство од овој затвор е снимен холивудски филм со Клинт Иствуд „Бегство од Алкатраз“. Бегството се случило во јуни 1962 година. Затворениците Френк Морис, Зон Анлин и Клеренс Анлин внимателно го испланирале своето бегство.
Алкатраз престанал да функционира како затвор на 21 март 1963 година. Бил речиси десетпати поскап за одржување од останатите затвори во Америка, градбите биле оштетени поради морската сол и одлучено е затворот на островот Алкатраз да се укине.
Островот е отворен за посети, а посетителите можат да дојдат до островот со траект. Секоја година затворот го посетуваат повеќе милиони туристи од целиот свет.