Еден месец пред отворањето на Олимписките игри во Париз, реката Сена сè уште е премногу загадена и над стандардите потребни за одржување на олимписките натпревари.
Ова го покажуваат извештаите од анализата која ја објави Градското собрание на Париз, каде од 26 јули до 11 август ќе се одржат летните Олимписки игри.
„Квалитетот на водата останува лош поради неповолниот хидролошки контекст, кој вклучува натпросечни врнежи од дожд, премалку сонце и температури под сезонските стандарди“, се наведува во извештајот.
„Очекуваме работите да се подобрат оваа недела со оглед на временските услови“, коментираа од префектурата на регионот Ил де Франс.
Регионалниот префект Марк Гијом предупреди дека реката нема да биде погодна за капење на почетокот на јули поради протокот на реката.
Концентрацијата на две фекални бактерии на кои се засноваат прописите за дозволи за капење покажа нагло зголемени вредности во однос на првите две недели од јуни, со многу високи вредности во периодот од 18 до 20 јуни.
Овие лоши резултати поттикнати од неповолните временски услови, ги зголемија сомнежите за успешно на одржување на олимписките натпревари во Сена (триатлон и пливање во отворени води), како и самата церемонија на свеченото отворање на Игрите.