Полска и Шведска во наредните 18 дена ќе бидат во фокусот на светската спортска јавност. Во овие две држави од 11 до 29 јануари ќе се одржи 28 Светско првенство во ракомет. Краков, Катовице, Плоцк, Гдањск во Полска и Стокхолм, Гетеборг, Малме, Јонкопинг и Кристианштад во Шведска се градовите кои ќе ги пречекаат најдобрите светски ракометари.
Триесет и две репрезентации поделени во осум групи ќе се борат за светската титула, а љубителите на ракометот се очекува да бараат карта повеќе особено за натпреварите каде ќе играат домашните репрезентации и за натпреварите од нокаут фазата.
Северна Македонија игра во групата Ф заедно со Норвешка, Аргентина и Холандија. Натпреварите во оваа група се играат од 13 до 17 јануари.
Во продолжение ТРТ Балкан ви дава преглед за тоа колку ќе ве чини патувањето од Скопје до Краков, ако во последен момент се одлучите да ги следите натпреварите на македонската ракометна репрезентација во групната фаза.
Од регионот учествуваат и репрезентациите на Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Сопствена режија
Ако решите да отпатувате во Полска во сопствена режија првата опција е со авион. Еден од најпопуларните интернет пребарувачи за авионски карти fly-scanner.com од Скопје до Краков и од Краков до Скопје ќе ви понуди повеќе опции со различни цени во зависност од времето на патување и авиокомпанијата. Меѓу првите 20 опции најевтината повратна карта за едно лице со поаѓање на 12 јануари (со пристигнување во вечерните часови на ден пред првиот натпревар и враќање на 17 јануари ( еден ден по последниот вечерен натпревар) е 319 евра, а најскапата 621 евро.
Најкусото патување од Скопје до Краков со едно застанување трае седум часа и десет минути, а од Краков до Скопје седум часа и 35 минути со две застанувања, но во поскапата варијанта.
На овие трошоци треба да се додадат и оние за билети за натпреварите како и за сместување. Еден билет од прва категорија за натпреварите од групната фаза каде ќе игра Северна Македонија чини 159 полски злоти односно околу 33 евра. Што се однесува до сместувањето, на Букинг (Booking.com) меѓу првите понудени опции за овој период може да се најде сместување за шест ноќевања во хотели со три и четири ѕвездички за цена од 220 до 600 евра.
Агенциите нудат аранжман со автобус
За разлика од патувањето во сопствена режија, туристички агенции од Скопје нудат аранжмани за следење на светското ракометно првенство со автобус. Цената на еден од овие аранжмани е 339 евра. Патувањето е со автобус, а во цената се вклучени и карти за трите натпревари на македонската репрезентација како и сместување во хотели со три ѕвездички.
Цена од земјите од опкружувањето
Колку за споредба, на кратко и за цената на чинење на авионските билети од другите земји од регионот учеснички на светското првенство.
Црна Гора натпреварите исто така ги игра во Краков. За едно лице авионски билет од Подгорица до Краков со поаѓање на 12 јануари и враќање на 16 јануари, во првите дваесет опции кои fly scanner ги нуди како најповолни, може да се најде од 300 до 442 евра.
Од Љубљана до Катовице каде ќе игра Словенија повратните авионски карти за 12 и 17 јануари се поскапи и изнесуваат од 360 до 594 евра. Голема е разликата во цени и од Белград до Катовице и назад, од 148 до 506 евра во зависност од времетраењето на патувањето и авиокомпанијата. Од Загреб до Јонкопинг нема летови, а навивачите од Хрватска кои ќе сакаат да ја следат нивната репрезентација ќе треба да слетаат во Стокхолм и од таму да патуваат уште 320 километри до Јонкопинг. Картите од Загреб до Стокхолм и назад чинат од 279 до 393 евра.