Трагедиите кои се случуваат на стадионите поради хулиганството и физичките пресметки помеѓу навивачите длабоко ја засенуваат фудбалската магија и оставаат голема трага и црна дамка во овој спорт.     Фото: АА (Архива)

За фудбалот велат дека е „најважната споредна работа во светот“, а фудбалските натпревари се вистински спортски празници. Големите љубители уживаат во овој популарен спорт, следејќи го од стадионските трибини, но и пред малите екрани.

Сепак, трагедиите кои се случуваат на стадионите поради хулиганството и физичките пресметки помеѓу навивачите длабоко ја засенуваат фудбалската магија и оставаат голема трага и црна дамка во овој спорт.

На една таква трагедија светот сведочеше минатата недела, кога во Индонезија на фудбалски стадион се случи вистинска катастрофа.

Според последните податоци, најмалку 125 лица го загубија животот во нередите кои го шокираа светот. Властите на Индонезија го ревидираа билансот од оваа катастрофа и објавија исправка дека во инцидентот смртно страдале 125, а не 174 лица, како што претходно беше соопштено.

Двата најголеми клубови во Индонезија, Аремa и Персебај одиграа натпревар на преполниот стадион Канџурхан во Маланг, а откако домашната екипа беше поразена со резултат 3:2, навивачите се обидоа да се пресметаат со своите фудбалери.

Голем број навивачи завршија на теренот, а полицијата со употреба на силата се обиде да ја контролира ситуацијата, но во тоа не успеа. Во настанатото стампедо, 125 навивачи го загубија животот, а многу од нив кои беа повредени, во тешка состојба, префрлени се во болница.

Катастрофи се случувале на поголеми и помали стадиони, на натпревари на познати и помалку познати екипи и на сите континенти. Во продолжение потсетуваме на некои од најголемите катастрофи што се случиле на фудбалските стадиони, а кои однеле бројни човечки животи.

Катастрофа на стадион во Перу

Најголемата фудбалска трагедија е забележана во 1964 година, на стадионот Лима во Перу, кога 320 луѓе ги загубиле животите, а повеќе од 1.000 биле повредени при судир на група навивачи за време на натпревар меѓу репрезентациите на Перу и Аргентина во квалификации за Олимписките игри.

Судир на навивачи во Буенос Аирес

Вечното дерби помеѓу аргентинските Бока Јуниорс и Ривер отсекогаш предизвикувало големо внимание, не само кај аргентинската јавност, туку и пошироко. Но и на ова дерби се случувале немили настани предизвикани од навивачите. Во аргентинската фудбалска историја се памети датумот 23 јуни, 1968 година, кога загина 71 лице во стампедо на дербито Бока Јуниорс-Ривер Плата, одиграно во Буенос Аирес.

Најмрачното дерби на „Иброкс“ во Шкотска

Најмрачното „Олд-фирм дерби“ помеѓу Ренџерс и Селтик во Шкотска е одиграно на 2 јануари 1971 година, кога загинаа дури 66 навивачи на стадионот „Иброкс“. Се претпоставува дека на стадионот имало 80.000 гледачи и дека при крајот на натпреварот, на скалите кои водат кон излезот на стадионот се случил метеж во кој луѓето започнале да се гушат во турканица.

Постојат разни теории околу тоа како настанал хаосот, а една од најверодостојните е таа дека навивачите кои си заминувале од стадионот почнале да се туркаат и да паѓаат едни врз други. Евидентирано е дека 66 навивачи умреле во страшната трагедија, а преку 200 биле повредени. Сите настрадани биле на возраст од 8 до 49 години.

Заробени навивачи на „Лужњики“ во Русија

Навивачите беа буквално заробени кога го напуштија натпреварот од УЕФА Купот, помеѓу Спартак Москва и холандскиот Харлем на стадионот Лужњики во Москва во 1982 година. Функционерите од поранешниот Советски сојуз со години не ја обелоденуваа трагедијата. Кога го направија тоа, информираа дека официјално бројката на мртви е 66, иако бројот на починати на еден излез бил дури 340.

Катастрофата на „Хејсел“ во Брисел

На 29 мај 1985 година на бриселскиот стадион „Хејсел“, 39 навивачи на италијанскиот фудбалски клуб Јувентус загинаа, а најмалку 600 беа повредени. Според медиумските извештаи, трагедијата се случила кога навивачи на англискиот клуб Ливерпул ги нападнале фановите на Јувентус. Тоа довело до рушење на ѕид од три метри на стадионот и исходот од тоа бил фатален.

Трагедијата од Хилсборо, Англија

Англиските навивачи се познати по својата страст кон фудбалот и спектаклите кои ги организираат на фудбалските стадиони, но за жал, неретко се случувало на стадионите да дојде до инциденти и трагични настани. Еден од нив, попознат за светската фудбалска јавност е трагедијата која се случи во 1989 година на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд, која однесе 97 човечки животи. Тогаш Ливерпул полуфиналето од ФА Купот требаше да го игра на стадионот „Хилсборо“ против Нотинген Форест, но натпреварот е прекинат поради хаосот на трибините.

Голем број навивачи без карти влегле на трибините наменети за навивачите на Ливерпул и тоа довело до потполна катастрофа. Кога приметиле дека има премногу луѓе и дека ќе дојде до сериозен проблем, дел од навивачите успеале да ја прескокнат оградата, а за скандалозна се смета одлуката мечот да не се прекине веднаш туку неколку минути подоцна, кога веќе било јасно што ќе се случи. Истиот ден животот го загубиле 94 лица, а уште двајца навивачи починале неколку дена подоцна. Во јули 2021 година, судскиот лекар пресуди дека Ендрју Дивајн, кој почина 32 години откако претрпе тешко и неповратно оштетување на мозокот на тој ден, е 97-та жртва.

Стампедо на стадионот во Гватемала

На 16 октомври 1996 година, пред натпреварот од квалификациите за Светското првенство помеѓу Гватемала и Костарика, 78 луѓе загинаа, а 180 беа повредени во стампедото што изби на стадионот. Причина за овој настан се илјадниците луѓе кои на стадионот влегоа со лажни билети.

Нереди и солзавец на стадионот во Акри, Гана

Околу 126 луѓе загинаа во стампедото на главниот фудбалски стадион во Акра, кога полицијата фрли солзавец на навивачите кои се побунија во една од најлошите катастрофи во Африка.

Сурири на навивачите во Порт Саид, Египет

Една од најголемите катастрофи што се случиле на фудбалските стадиони е и трагедијата која во 2012 година се случи на стадионот Порт Саид во Египет, каде во судири загинаа 74 лица. За време на фудбалскиот натпревар помеѓу локалниот клуб „Ал-Масри“ и каирскиот клуб „Ал-Ахли“, резултатот бил 3:1, навивачите неочекувано истрчале на теренот и започнале физички да се пресметуваат со клубот што губи. Во масовната тепачка и турканиците на излезот на стадионот загинале 73 лица, а најмалку 1.000 биле повредени.

Стампедо на стадионот во Кајсери Натпреварот Кајсериспор-Сиваспор одигран на 17 септември 1967 година е еден од најболните настани во историјата на турскиот фудбал. Во судирот помеѓу навивачите и настанатото стампедо животот го загуби 41 лице.

TRT Balkan
Популарни