Навивачите ја запалија и полициската станица Н'Зерекоре, според изјавите на сведоците / Photo: Reuters

Најмалку 56 лица загинаа, а неколку се повредени во стампедо по нередите на фудбалски натпревар во Гвинеја, соопшти денеска владата на земјата.

Во соопштението се наведува дека властите водат истрага за да се утврди кој е одговорен за неделното стампедо.

Меѓу жртвите има и неколку деца, јавија локалните медиуми.

Премиерот Мамаду Ори Бах изјави дека стампедото на натпреварот резултирало со бројни жртви и повика на смирување на ситуацијата.

Судирот меѓу навивачите се случи во неделата на фудбалски натпревар во Н'Зерекоре, вториот по големина град во Гвинеја.

Натпреварот помеѓу тимовите на Гвинеја Н'Зерекоре и Лаба, на кој присуствуваа околу илјада луѓе, се одржа како дел од турнирот во чест на претседателот Мамади Думбуја, кој ја презеде власта со државен удар во септември 2021 година.

Локалните медиуми објавија дека полицијата употребила солзавец откако приврзаниците на гостинскиот тим Лабе фрлале камења кон судијата.

„Се започна со спорна одлука на судијата. Потоа навивачите упаднаа на теренот“, изјави еден од очевидците.

Видеата и сликите на социјалните мрежи покажуваат хаотични сцени надвор од стадионот, со голем број луѓе кои се обидуваат да прескокнат ѕидови и многу тела како лежат на земја.

Навивачите ја запалија и полициската станица Н'Зерекоре, според изјавите на сведоците.

Еден од најлошите масакри во историјата на Гвинеја, исто така, се случи на стадионот, во 2009 година, кога беа убиени 156 луѓе откако војниците отворија оган на протестниот собир на опозицијата на стадионот во главниот град Конакри.

Многумина беа застрелани, избодени, претепани или згмечени во стампедото додека безбедносните сили употребија солзавец и упаднаа на стадионот. Тогаш беа силувани и десетици жени.

Поранешниот воен владетел Муса Дадис Камара неодамна беше осуден на 20 години затвор за злосторства против човештвото во врска со масакрот.

TRT Balkan / агенции
Популарни