Кои се најпознатите фудбалски стадиони на Балканот?     Фото: ТРТ Балкан

Фудбалот неретко го нарекуваат најважна споредна работа на светот. Тоа е најмасовниот спорт на светот, чии следбеници се мерат во милијарди. Втор дом на љубителите на фудбалот е стадионот. Од трибините навивачите ги следат натпреварите, го бодрат својот омилен клуб, навиваат, се радуваат, но не се ретки моментите и кога на трибините можат да се видат солзи на навивачите поради загубените натпревари. За многумина трибините на стадионите се како втор дом.

И на Балканот фудбалот е најпопуларен спорт, нешто за што речиси живее спортската публика, која со нетпрение чека да заземе место на трибините и да ужива во фудбалската магија.

ТРТ Балкан анализираше кои се најпознатите фудбалски стадиони на Балканот и какви се нивните капацитети.

Белградска „Маракана“ Стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград, популарно познат и како стадион „Маракана“ е еден од симболите на поранешна Југославија, а за многумина познат како место на кое се игра вечното дерби Црвена Sвезда-Партизан. Изградбата на стадионот започнала во 1959 година.

На овој стадион игра ФК Црвена Sвезда, а официјални натпревари на стадионот игра и фудбалската репрезентација на Србија.

Најголем број гледачи имало на 23 април во 1975 година кога во Белград гостувал фудбалскиот клуб Ференцварош во полуфиналето на Купот на победици на куповите.

Тогаш се продадени 96.070 влезници, а проценките велат дека на стадионот имало 110.000 гледачи, колку што бил капацитетот на стадионот тогаш.


На „Маракана“ било одиграно финалето на Купот на шампионите на 30 април 1973 година помеѓу Ајакс и Јувентус (1-0). Тогаш на натпреварот присуствувале 91.564 гледачи.

Во меѓувреме, бројката е драстично намалена. Следејќи ја модернизациајта и барањата на Европската фудналска унија, а со цел зголемување на комфорот на навивачите и нивната безбедност, укинати се местата за стоење на стадионот. Поставени се столчиња на сите четири трибини, така што капацитетот на стадионот денес официјално изнесуца 55.538 места за седење.

Меѓу познатите стадиони на балканските простори е и стадионот Партизан во Белград на кој игра истоимениот клуб. Во периодот од 1951 до 1989 година стадионот го носел името „Стадион на Југословенската народна армија“ и бил во сопственост на тогашната ЈНА.

Стадионот има капацитет од 32.710 гледачи.

Стадионот Рајко Митиќ во Белград, популарно познат и како стадион Маракана    Фото: crvenazvezdafk.com

Во Скопје се игра на „Арена Тодор Проески“

Речиси секој поголем град во регионот има најмајлку еден фудбалски клуб и стадион, кој е негов синоним и по кој се препознава. Градскиот стадион во Скопје е еден од симболите на македонскиот фудбал. Неговото сегашно име е Национална арена „Тодор Проески“, која порано се викаше и стадион „Филип Втори Македонски и „Телеком арена“. На стадионот играат фудбалските клубови на Работнички и Вардар, како и македонската фудбалска репрезентација. Стадионот има капацитет од над 33.000 места за гледачите.

Првичното име на стадионот e „Градски стадион Скопје“, па поради тоа е познат и под прекарот „градски“. Во 2015 година УЕФА го избрала стадионот за да биде домаќин на Супер Купот во 2017 година. Тогаш во Скопје тимовите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, меѓу кои беа некои од најголемите фудбалски ѕвезди на денешницата.

Арена Тоше Проески      Фото: ФФМ

Кошево е гордоста на Сараево

Олимпискиот стадион Асим Ферхатовиќ - Хасе, познат како стадион Кошево е повеќенаменски стадион во Сараево. Изграден е во 1947 година во период по Втората светска војна.

На стадионот се одиграни значајни и големи натпревари на сараевските прволигаши ФК Сараево и ФК Жељезничар така и тогашната репрезентација на Југославија и репрезентација на Босна и Херцеговина. На стадионот гостуваа големи фудбалски тимови како што се Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Интер и други.

Самиот стадион доживеа многу надградби и реконструкции, а најголема беше пред одржувањето на XIV зимски олимписки игри во февруари 1984 година. Во јули 2004 година на стадионот Асим Фехратовиќ-Хасе повторно започнаа работите на неговата реконструкција и подобрување со цел добивање лиценца од УЕФА за одигрување на европските натпревари.

Денес стадионот го користи ФК Сараево и тоа е најголемиот стадион во Босна и Херцеговина. Поседува 37.500 места за седење. Рекорд на стадионот, кога се во прашање спортските манифестации, е од сезоната 1981/82, на натпреварот од фудбалското првенство на Југославија, натпреварот ФК Сараево - ФК Железничар. Тогаш на натпреварот на градските ривали присуствувале најмалку 55.000 гледачи, а некои од тогашните весници објавиле дека на натпреварот присуствувале и 64.000 гледачи.

Олимпискиот стадион Асим Ферхатовиќ - Хасе, познат како стадион Кошево во Сараево   Фото: nfsbih.ba

Втор познат стадион во Босна и Херцеговина е стадионот Билино поље во Зеница. Го користат ФК Челик и босанско-херцеговската фудбалска репрезентација. Капацитетот на стадионот е 15.292 места.

Хрватите го имаат „Максимир“ во Загреб

Скопје го има Градски, Белград ја има Маракана, Сараево го има Кошево, а хрватската престолнина Загреб го има својот „Максимир“. Тоа е повеќенаменски стадион на кој своите домашни натпревари ги игра фудбалскиот клуб Динамо и репрезентацијата на Хрватска. Стадионот е официјално отворен на 5 мај во 1912 година. Стадионот бил реновиран неколкупати. Максимир има капацитет да смести 35.123 гледачи.

Во април минатата година, на официјалните мрежи на Динамо објавен е проектот на новиот стадион, кој би требало да биде завршен, како што тогаш беше најавено, за три години.

Стадион Максимир во Загреб    Фото: gnkdinamo.hr

Стадионот на Хајдук официјално го отворил Тито

Стадионот „Пољуд“ е фудбалски стадион во Сплит, кој бил изграден за потребите на Средоземните игри во 1979 година и е домашен терен на клубот Хајдук Сплит. Стадионот има капацитет да смести 35.000 гледачи.

Овој комплекс е изграден да биде домаќин на Средоземните игри во 1979 година и официјално бил отворен од страна на тогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито.

Стадионот „Пољуд“ бил местото каде во 1990 година се одржало Европското атлетско пренство, а во 2010 година се одржало ИААФ Континенталното првенство.

Тирана ја има „Националната арена“

Национална арена (Arena Kombëtare) во Тирана е стадион изграден на теренот на поранешниот стадион Ќемал Стафа. Официјално познат како стадион „Ер Албанија“ поради спонзорски причини, стадионот има капацитет од 22.500 седишта што го прави најголемиот стадион во Албанија. Стадионот е во сопственост на Албанскиот фудбалски сојуз.

Повеќе од 60 години од неговата изградба, стадионот Ќемал Стафа служеше како главен стадион во Албанија, дом на албанската репрезентација, како и место на кое се одржувале неколку атлетски натпревари и други настани.

Првиот официјален натпревар е одигран во рамките на квалификациите за ЕП 2020 помеѓу репрезентациите на Албанија и Франција на кој присуствувале повеќе од 21.000 гледачи. На церемонијата беа поканети многу познати личности од спортот, политиката и уметноста, а меѓу нив беа и претседателот на УЕФА Александар Чеферин и премиерот на Албанија Еди Рама. Стадионот има капацитет од 22.500 места.

Во мај годинава, стадионот беше домаќин на првото финале на Конференциската Лига Европа, во кое играа Рома и Феенорд.

Национална арена во Тирана    Фото: fshf.org

Стадионот во Приштина именуван по легенда на албанскиот фудбал

Стадионот Фадил Вокри, претходно познат како Градски стадион на Приштина е повеќенаменски стадион во Приштина, Косово, кој најчесто се користи за фудбалски натпревари. На теренот играат ФК Приштина и фудбалската репрезентација на Косово. Стадионот има капацитет од 13.500 посетители.

Стадион Фадил Вокри во Приштина    Фото: ffk-kosova.com

Градбата на стадионот е започната во 1951 година и од 1953 година го користи ФК Приштина. На 9 јуни 2018 година, стадионот беше преименуван во стадион „Фадил Вокри“, по смртта на легендата на албанскиот фудбал. Вокри беше истакнат фудбалер, но и претседател на Фудбалската федерација на Косово.

Фудбалската федерација на Косово во јуни 2019 година го презентираше проектот за новиот стадион. „Косово ќе го гради најубавиот стадион на Балканот“, „Косово гради неверојатен национален стадион“, беа само дел од насловите во печатот кои го привлекоа вниманието на спортската јавност.

Новиот стадион е дело на турскиот архитект Мурат Табландоглу и ќе има капацитет од 30.000 гледачи.

TRT Balkan
Популарни