Претстојното Светско фудбалско првенство во Катар кое ќе се одржи во ноември годинава е посебно по многу нешта: првпат се одржува во зима, првпат меѓу судиите што ќе ја делат правдата не теренот ќе има и жени, а познавачите на фудбалот најавуваат и бројни изненадувања во поглед на резултатите.
Но, овој Мундијал се издвојува од сите останати и по фактот дека ќе биде најскап од сите досега одржани светски првенства.
Како што објави глобалната статистичка организација Статиста, повикувајќи се на податоци на „Front Office Sports“, доколку се соберат вкупните трошоци, земајќи ги предвид не само трошоците за изградба на нови стадиони и реновирање на постоечките, туку и сите пари потрошени за инфраструктура, Мундијалот во Катар ќе чини околу 220 милијарди долари.
Сепак, како што наведува Статиста, мора да се земе во предвид дека трошоците поврзани со новите стадиони во Катар се само од 6,5 до 10 милијарди долари.
Ова е значително зголемување на првично предложените 4 милијарди американски долари, меѓутоа, најголемиот дел од трошоците се инфраструктурни трошоци кои се дел од поширокиот план „Катар 2030 година“.
За споредба, претходниот Мундијал во 2018 година ја чинеше Русија 11.6 милијарди долари, а за Светското првенство во Бразил во 2014 година се потрошени 15 милијарди долари.
СП во Јужна Африка во 2010 година чинеше 3,6 милијарди долари, додека за СП во Германија во 2006 година беа потрошени 4,3 милијарди долари.
Мундијалот одржан во Кореја и Јапонија, пред 20 години, чинеше 7 милијарди долари. За Светското првенството во Франција во 1998 година беа издвоени 2,3 милијарди долари, додека за првенството во САД во 1994 година оперативните трошоци изнесуваа 500 милиони долари.
Светското првенство во Катар планирано е да се одржи во период од 20 ноември до 18 декември оваа година.
На 20 август, ФИФА соопшти дека за овогодишното Светско фудбалско првенство во Катар, продадени се вкупно 2,45 милиони влезници, а севкупно се достапни 3.010.679 влезници.