Навивачите се простуваат од Пеле на стадионот во Сантос во Бразил / Photo: AA

Илјадници фанови и почитувачи на ликот и делото на поранешниот бразилски фудбалер Пеле во понеделникот и оддадоа почит на легендата на светскиот фудбал и присуствуваа на последното збогување на еден од најдобрите играчи во историјата.

Ковчегот со телото на легендарниот Едсон Арантес до Нашименто Пеле, кој почина на 29 декември, е донесен на стадионот „Вила Белмиро“ во Сантос, каде денес е одржана комеморацијата на која присуствуваа илјадници луѓе.

Неговиот ковчег, заклонет со голем бел шатор, беше поставен во центарот на теренот каде Пеле ја започна својата кариера. Околу ковчегот беа поставени десетици венци, испратени од големи фудбалски ѕвезди и познати клубови.

Меѓу првите од Пеле се прости претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино, кој допатува во Бразил да му оддаде почит на легендарниот фудбалер.

„Ќе замолиме секоја земја на светот еден од своите фудбалски стадиони да ги именува по името на Пеле“, рече Инфантино.

На последното испраќање на Пеле присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, претседателот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) Алехандро Домингез, ѕвездите на Сантос како и многу други.

Влезот на стадионот ќе биде дозволен без прекин до вторник во 10 часот по локално време кога поворката ќе тргне низ улиците на Сантос до гробиштата каде што ќе биде погребан. На погребот ќе присуствува само семејството.

Пеле почина на 29 декември во болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло по боледувањето од рак, на 82-годишна возраст.

Владата на Бразил прогласи тридневна жалост по повод неговата смрт.

Легендата на светскиот фудбал ќе биде погребана на приватен погреб на 3 јануари во Спомен-некрополата Екуменица.

Пеле, кој е најдобар стрелец на сите времиња на бразилската репрезентација, со постигнати 77 гола на 92 натпревари, стана легенда откако го освои првото Светско првенство во 1958 година како 17-годишник. Пеле го освојуваше Светското првенство со Бразил и во 1962 и 1970 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни