Седиштето на „Бертони ГДЕ“ е во мала зграда, сместена во индустриската област Падерно Дугнано, мало гратче на периферијата на Милано на северот на Италија.
Канцелариите се на два спрата со работилници и десетина вработени. Компанијата е една од десетици илјади мали или средни претпријатија кои го сочинуваат столбот на италијанската економија и придонесуваат таа да биде една од најпросперитетните.
Но, тоа што ја прави посебна е што тука се создава еден од најпрепознатливите предмети на планетата во последните педесетина години - пехарот на Светското првенство во фудбал.
Во раните 1970-ти години, како резултат на третата победа на Бразил кои го подигнаа пехарот „Жил Риме“ во Мексико Сити против Италија, започна приказната за изгледот и формата на најпознатиот пехар.
Според тогашните прописи на ФИФА, со трите победи во 1958, 1962 и 1970 година Бразилците може да го подигнат пехарот без да го вратат во седиштето на Светската фудбалска федерација во Цирих, како што шампионот вообичаено прави.
Нов дизајн
Во тој момент ФИФА увиде дека е потребно да се дизајнира и произведе нов пехар и затоа организираше меѓународен конкурс на кој беа поднесени 53 предлози од насекаде низ светот.
Меѓу нив, еден од предлозите беше дизајниран од миланскиот скулптор Силвио Газанига, уметнички директор на Бертони, кој и ден денес се уште е многу ценет, шест години по неговата смрт.
„Идејата за овој пехар дојде од него и мојот дедо Еугенио Лоса“, вели Валентина Лоса, главна извршна директорка на Бертони, компанија која веќе четврта генерација е управувана од семејството, а е формирана на почетокот на 20 век.
„Првично, дизајнот прикажуваше двајца голмани како креваат раце и држат топка фудбал над главите. По разни дискусии, скицата на скулптурата беше сменета, а двајцата голмани беа заменети со два ангели на победата. А наместо топката, беше нацртан глобус“, вели Лоса.
Делото на Газанига и Бертони беше избрано од ФИФА, а репрезентацијата на Западна Германија беше првата екипа која го освои новиот пехар на Светското првенство во фудбал во 1974 година.
Вработените во работилницата се задолжени за производството на пехарот. Прво се обликува формата, потоа се израмнува и на крај се полира. Потоа поминува низ повеќе „раце“ и се мие со сода бикарбона и се потопува во повеќе течности. На крај се лакира. Пехарот е висок 38 сантиметри, а тежи 6.2 килограми.
Еден оригинален примерок
„Постои само еден оригинален примерок на пехарот кој се чува во ФИФА. На шампионите пехарот им се доделува на свечена церемонија за прогласување на победниците, по одигрувањето на финалето на првенството. Се изработува од 18 каратно злато, а ФИФА откако ќе биде познат победникот ни го дава за да го изгравираме името на победничкиот тим“, прецизира Лоса.
„Победниците секако добиваат реплика на пехарот, која не е од злато туку од златен месинг, каде е изгравирано името на шампионската репрезентација“.
Светското првенство во Катар веќе е во тек, и заедно со пехарот е подготвено да го награди победничкиот тим при крајот на месецот откако ќе се одигра финалето на 18 декември.
Во Бертони, каде се изработуваат и пехарите за Лигата на Европа, Европскиот супер куп, и „долгоушкото“ популарниот трофеј за Лигата на Шампиони, веќе се работи на изработката на новиот пехар за Светското првенство во фудбал 2026 година кое ќе биде заеднички организирано од Канада, САД и Мексико.
„Веднаш штом ова првенство заврши ќе го презентираме новиот пехар“, вели Лоса.