На 22 декември мината година на вонредното изборно генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ со акламација е избран за претседател на федерацијата.
Во ексклузивно интервју за ТРТ Балкан на македонски јазик, Омерагиќ зборува за неговата визија за унапредување на фудбалот во земјата, неговиот тим составен од поранешни репрезентативци, очекувањата од репрезентацијата, но и можноста за соработка со фудбалските сојузи во земјите од регионот и идејата за Регионална фудбалска лига. Во своето прво обраќање во јавноста во својство на прв човек на ФФМ, Омерагиќ рече дека знае во која насока треба да се развива фудбалот во земјава. Оттаму, логично беше првото прашање, во која насока и како треба да се работи за да се унапреди фудбалот во земјава?
Фокус на инвестирање во младите и инфраструктурата
Омерагиќ нагласува дека тоа го базира на неговото богато искуство во фудбалот, додавајќи дека речиси целиот свој живот, порано како фудбалер, потоа како член на Управниот одбор на ФФМ, а сега и како претседател на федерацијата.
„Основно за развој на фудбалот во секоја држава, па и во нашата е инвестирање во инфрастуктура и инвестирање во младите, постојано едуцирање на тренерскиот кадар, како и произовдство на судии, односно едуцирање на судиите за да имаме што поквалитетно судење. Паралелно со тоа, создавање на регуларни услови за играње е еден од главните предуслови за да имаме квалитетен фудбал. За сето тоа е потребно само време“, вели Омерагиќ.
Пандев, Најдовски и Ибраими дел од тимот на Омерагиќ
Јавноста позитивно ја коментираше неговата одлука во својот тим да ги има некогашните истакнати фудбалски репрезентативци со цел да ги поправи состојбите во македонскиот фудбал, а Омерагиќ уверува дека тоа е исправна одлука, која ќе покаже резултати.
„Во тимот околу мене се, ако одиме по возраст, Илија Најдовски, знаете, нема потреба да го претставуваме. Тоа е фудбалска легенда, која што го има подигнато пехарот на светски првак на Црвена Sвезда кога беа светски прваци во Јапонија. После тоа е Горан Пандев којшто ја има освоено Лигата на шампионите, наш ререзентативец, и нормално тука доаѓа Агим Ибраими. Има и други поранешни фудбалски имиња, како што е Гоце Христов и другите, сега да не ги набројувам. Меѓутоа, сето тоа се познати фудбалски имиња, кои целиот свој живот го поминале во фудбалот, не зависат, тие се реализирани како личности, како луѓе, едноставно имаат желба само да помогнат во развојот на фудбалот со своите идеи и со своето работење и учество во работењето на Фудбалската Федерација на Македонија“, потенцира Омерагиќ.
„Зошто да не го воведеме ВАР системот?“
Во јавните настапи по назначувањето за прв човек на ФФМ, Омерагиќ неколку пати се осврна на ВАР системот, при што укажа на потребата од негово воведување.
„Јас го изјавив тоа со причина. Затоа што имаше во изминатите две-три сезони големи поплаки на судењето, посебно на оние натпревари кои решаваа за кој да биде првак или околу испаѓањето. Варот е главен предуслов, и ако цела Европа го има воведено ВАР-от јас не гледам причина зошто Македонија не би била една од државите кои што го немаат воведено. Што се однесува до рокот од седум месеци, тоа не е од субјективни причини, туку тоа е од објективни причини. Бидејќи, најмалку три месеци ви трае обуката на ВАР судиите. Тоа не е така едноставно. Потоа треба имплементирање на техничките услови на терените а и ние како фудбалска федерација мора да имплементираме, монтираме и спроведеме работење на ВАР соба. Сето тоа трае одреден временски период. Според нашите проценки ние ќе бидеме подготвени за наредното првенство и веќе работиме на тоа“, вели Омерагиќ.
Корупција во младинскиот фудбал
Враќањето на публиката на трибините на фудбалските терени е комплексен и макотрепен процес за кој е потребно време, системска и организациска работа.
„Сѐ почнува со младинскиот фудбал со младите категории. За да имаме ние сега добар фудбал мора добро да се работи во младинските категории за да тие фудбалери кога ќе дојдат во првите тимови бидат квалитетни и да имаат потенцијал за напредок. Она што ќе се обидеме веднаш да го спречиме, тоа е корупцијата во младинските категории, односно во младинскиот фудбал. Кога ќе кажам корупција мислам на корпуптивно бирање на фудбалери кои би настапувале за младите селекции. Каде што клиентелизмот беше на прво место и каде што некои други фактори беа битни за тоа кои млади фудбалери ќе бидат повикувани во младите репрезентации а не квалитетот. Тука константно се правеше неправда имавме одлив на млади играчи кои или одеа да играат за други репрезентации или одбиваа да играат за нашата репрезентација. Спречувањето на таа, условно кажано, корупција во младите селекции ќе биде една од нашите примарни цели.
Како публиката да се врати на фудбалските трибини?
„Што се однесува до Првата лига, каде што е сениорскиот фудбал, публиката ќе се врати на терените кога ќе имаме конкуретни тимови. Кога ќе имаме тимови што играат квалитетен фудбал, а ние како федерација ќе им помогнеме во коректни услови, односно во фер услови, безбедни услови за играње и фер судење. Кога тоа ќе го поврзете со имплементирање на ВАР-от тогаш луѓе што сакаат да инвестираат, бизнисмени или компании, да инвестираат во фудбалските клубови, ќе добијат поголема сигурност дека парите што ќе ги инвестираат во клубовите дека ќе имаат вредност, дека нема да бидат оштетени од субјективни причини. Така да сето тоа е поврзано со фудбалската федерација во сегмент каде што федерацијата ќе обезбеди регуларни услови за игра и секој клуб колку вреди на терен такви резултати ќе има. Тогаш, ќе има основ бизнисмените да сакаат да инвестираат во фудбалот, бидејќи заработката од фудбалот кога ќе излезете во евро-куповите не е за потценување“, објаснува Омерагиќ.
Запрашан за интересот за инвестирање во македонскиот фудбал, не само од домашни туку и од странски инверститори, претседателот на ФФМ вели:
„Јас мислам скоро 40% од клубовите имаат странски инвеститори или сопственици. Претежно се турски сопственици колку што јас имам информации. Значи, луѓето пронаоѓаат некаков интерес да инвестираат во македонскиот фудбал. Ние тоа треба да го унапредиме и да поголем квантум на пари влевуваат во нашите клубови. Со тоа ќе го подигнеме квалитетот на фудбалот и поквалитетни фудбалери ќе доаѓаат да играат.“
Речиси низ децении наназад во јавноста се провлекува идејата за можна Регионална лига во фудбалот, во која ќе учествуваат фудбалски клубови од земјите во регионот во едно натпреварување. Сепак, Омерагиќ уверува дека за такво нешто е потребна опсежна и сеопфатна анализа во која би биле вклучени повеќе аспекти па потоа да се донесе одлука, но нагласува дека на тоа гледа позитивно.
„Искрено, оваа идеја не е од сега, оваа идеја колку што се сеќавам беше уште во периодот 2003-2004… Прв што ја зачна таа идеја беше претседателот на Романската фудбалска федерација во тој период, мислам дека беше Мирча Санду… Јас бев присутен на тие состаноци во Букурешт како член на Управниот одбор на Фудбалската федерација… Меѓутоа, тогаш сето тоа беше далеку од некакво спроведување бидјеќи претставниците на Босна, Хрватска Србија… сѐ уште беше тоа блиску после периодот на тие воени времиња, несреќни времиња што го затекнаа Балканот и тоа не се спроведе. Сега дали и како би се спровело тоа? … Знаете како, како прво тоа би требало да се спроведе само во соработка со УЕФА, бидејќи наша матична куќа е УЕФА (Европската куќа на фудбалот) и како таа Регионална лига би влијаела во тоа кој би се квалификувал во европските купови. Тоа не е нешто треба ад-хок да се направи. Треба да се направи анализа од повеќе аспекти, безбедносен, од фудбалски, од маркетинг, од профитабилен сегмент, па тогаш да се донесе одлука. Во секој случај, да оставиме времето да покаже што и како таму ќе се одвиваат работите“, смета Омерагиќ.
Фудбалот како фактор на обединување
Додава дека Регионална лига во фудбалот би била нешто слично како и АБА Лигата во кошарката. „Тоа е нешто слично како и АБА Лигата во кошарката. Како и да е, добро е затоа што големи клубови ќе доаѓаат повторно во Македонија, во Скопје, нели … Динамо, Звезда, Партизан, Хајдук, Сплит, Сараево, Челик…да не набројувам… Будуќност… сѐ зависи по кои критериуми би се учествувало во таа лига и што би било целта и кој е бенефитот од таа лига. Инаку, ако лично мене ме прашате спортот треба да ги зближува луѓето, јас не гледам причина, а посебно фудбалот да биде фактор на обединување“
Отвореност за соработка со фудбалските федерации од регионот
Прашан за тоа дали разговарал со претседателите на фудбалските сојузи и федерации од земјите на балканскиот регион и дали можеби некогаш се зборувало за идеја земјите од регионот да бидат домаќини и организатори на одредено меѓуенародно фудбалско наптреварување од типот на Европско првенство или Светско првенство, Омерагиќ вели дека е отворен за разговори на таа тема но дека треба да се согледаат реалните можности.
„Ако мене лично ме прашувате јас сум отворен за таква работа доколку сме инфраструктурно подготвени, Фудбалската федерација на Македонија секогаш би прифатила една таква идеја и би конкурирала за организирање било какво фудбалско натпреварување, турнир, дали е за младински категории или за машки, женски фудбал, неважно, се со цел за промоција на фудбалот во Македонија заедно со некој од нашите соседи нормално што е бенефит и за државата“, нагласува Омерагиќ.
„Репрезентацијата повторно ќе ни носи радости“
Во однос на неговите очекувања во кој поглед треба да се развива репрезентацијата во квалитативен и во резултатски аспект, тој уверува дека публиката допрва ќе се радува на репрезентативните успеси.
„А репрезентацијата е амбасадор на државата. Тоа е репрезентацијата која и носи радост на државата и тага. Моите очекувања се секогаш големи, но јас преферирам секогаш да бидам реалист. Ќе дадеме се од себе, јас сум уверен, верувам во играчите, верувам во стручниот штаб и во селекторот и знам дека како што не радувале во блиското минато, повторно ќе ни донесат радости. На квалитативен план, очекувам да имаме и нови фудбалери во репрезентацијата кои настапуваат надвор од државата и во државата кои што нормално, со својот квалитет го заслужуваат тоа. Но сепак би сакал времето да времето остави, бидејќи навјеќе сакам да сум реалист“, заклучува Омерагиќ.