Пет факти за Пеле: Легендата која фудбалот го претвори во уметност / Photo: Reuters

Веста за смртта на легендата на светскиот фудбал, Бразилецот Едсон Арантес до Нашименто Пеле, ги растажи бројните љубители на фудбалот ширум светот, а оние од постарите генерации се сетија на неговите извонредни настапи, за кои уште долго ќе се зборува.

Еден од најголемите фудбалери на сите времиња, Пеле, почина вчера во 82 година од животот, оставајќи зад себе импресивна кариера преполна со достигнувања. Едсон Арантес до Нашименто Пеле е роден на 23 октомври 1940 година, во Минас Жераис, држава во југоисточен Бразил.


Растел во сиромашно семејство, како син на фудбалерот на Флуминенсе, Дондињо. Интересен е фактот дека името Едсон го добил по американскиот иноватор Томас Едисон, но неговите родители решиле да ја отстранат буквата „и“ и да го наречат „Едсон“.

Пријателите го завикале Пеле откако погрешно го изговорил името на бразилскиот голман Биле. Како младинец, заиграл за клубот Бауру Атлетико, а во 1956 година, на свои 16 години, Пеле го потпишал првиот професионален договор со бразилскиот клуб Сантос.

Поради покажаниот извонреден талент и неверојатен потенцијал Владата во Бразил го прогласила за „национално богатство“ и не му дозволила трансфер во странски клуб.

Веќе наредната година, на неполни 17 години години, Пеле го облекува репрезентативниот дрес на Бразил и го игра првиот меѓународен натпревар против Аргентина, при што Бразил губи 2:1. Во прилог се пет најзначајни факти за легендата.

Најдобар стрелец на Бразил на сите времиња

Пеле е најдобриот стрелец на бразилската репрезентација на сите времиња со постигнати 77 голови во 92 натпревари. Пошироката јавност го запозна откако го освои првото Светско првенство со Бразил како 17-годишник. За него беше чест, задоволство, но и голема обврска да го носи репрезентативниот дрес со број 10, кој низ историјата го носеле само најдобрите играчи. Со репрезентацијата на Бразил, Пеле трипати го освојувал Светското првенство: во 1958, во 1962 и во 1970 година.

Најмлад играч кој постигнал гол на Светско првенство

Повредата го ограничи неговиот придонес во триумфот на Бразил во 1962 година на Мундијалот во Чиле, но осум години подоцна беше најдобар играч на првенството и го подигна трофејот во Мексико благодарејќи на победата против Италија со резултат 4:1. Пеле во финалето го постигна првиот гол за Бразил.

Тој гол го прави еден од само петте играчи кои постигнале гол во две финалиња на Светското првенство и благодарејќи на своите подвизи во 1958 година останува најмладиот играч кој постигнал гол на Мундијалот. Тогаш, Пеле успеа да постигне гол кога имаше само 17 години и 244 дена.

Легенда на Сантос Неговите спектакуларни резултати го направија легенда на Сантос на клупско ниво. Тој им помогна да освојат две титули на Копа Либертадорес и шест титули во бразилската лига во период од 18 години.

Во текот на кариерата Пеле постигна 1.281 гол во 1.363 натпревари за клуб и репрезентација, а својата фудбалска кариера ја заврши во Њујорк Космос и се повлече од фудбалот во 1977 година.

Амбасадор на фудбалот

По пензионирањето, беше амбасадор на фудбалот. Во 2013 година го доби „FIFA Ballon d'Or Prix d'Honneur" како признание за неговата кариера и достигнувања, а во 2020 година именуван е во „Ballon d'Or Dream Team", односно во најголемите 11 фудбалери на сите времиња.

Голгетер, но и тимски играч

Добрите познавачи на фудбалот во времето кога Пеле бил неприкосновен на теренот нагласуваат дека имал неверојатна суптилност и виртуозност. Колку што бил брилијантен голгетер, истовремено бил и голем тимски играч. Од сето она што сме го гледале и го гледаме кај денешните ѕвезди, вклучувајќи ги тука бразилскиот Роналдо, португалскиот Роналдо, Меси, Марадона, Пеле тоа го правел прв. Од познатите „ножички“, далекосежните лобови, лажните дриблинзи, асистенции со пета, соло продори во кои поминувал и по пет играчи, па до неверојатно добрата игра со глава.

По повод смртта на Пеле пораки на сочувство упатија многу сегашни и поранешни фудбалери и спортски работници, но и јавни личности. Една од повпечатливите пораки беше онаа на бразилскиот репрезентативец Нејмар, еден од најдобрите фудбалери на денешницата. Тој потенцира дека Пеле со својата игра го претворил фудбалот во уметност.

„Пред Пеле „10“ беше само бројка. Ја прочитав таа фраза некаде, во одреден момент од мојот живот. Но, таа убава фраза е нецелосна. Би рекол пред Пеле, фудбалот беше само спорт. Пеле смени сѐ. Фудбалот го претвори во уметност, во забава. Тој им даде глас на сиромашните, на црнците и особено: му даде видливост на Бразил. Фудбалот и Бразил го подигнаа статусот благодарение на кралот! Го нема, но неговата магија ќе остане. Пеле е вечен!“, напиша Нејмар во објава на социјалните мрежи.

TRT Balkan
Популарни