Нелсон Пике за употребата на расистички сленг упатен кон возачот Луис Хамилтон во интервју, доби доживотна забрана за присуство на трките на Формула 1, изречена од Светската автомобилска федерација (ФИА) и осуда од јавноста за искажаните зборови.
Поранешниот трикратен шампион на Формула 1, во интервју од минатата година кое сега ја испровоцира јавноста, на неколку наврати користи расистички сленг. Бразилецот по критиките изјави дека немал намера да го навреди Хамилтон и дека немал расистички мотиви.
Сепак, неговото одбивање да даде јасно извинување дополнително го зголеми притисокот на јавноста, па затоа забраната од ФИА најверојатно ќе биде постојана.
„Она што го кажав беше лошо обмислено и не се бранам за тоа, но ќе појаснам дека употребениот термин е широко и историски користен колоквијално во бразилскиот португалски како синоним за „момче“ или „личност“ и никогаш немав намера да навредам некого“, соопшти Пике пред јавноста.
Хамилтон речиси низ целата кариера е соочен со навреди и дискриминација поради бојата на кожата и не се согласува со објаснувањето дека зборот нема тежина. Затоа побара да се стави фокус на промена на начинот на размислување.
Тимот на Хамилтон, организаторите на Ф1 како и целиот автомобилистички спорт, застанаа во одбрана и заштита на британскиот пилот на болиди. ФИА го потврди ставот дека има нулта толеранција за вознемирување и дискриминација.
„Луис ги предводеше напорите на нашиот спорт за борба против расизмот и тој е вистински шампион на различностите на и надвор од патеката“, објави ФИА.
Хамилтон инаку е почесен државјанин на Бразил, а титулата во Формула 1 досега ја освои седум пати.