Сензационалната вест која утрово го обиколи светот на Формула 1 е потврдена: 39-годишниот Луис Хамилтон од 2025 година ќе вози за Ферари.
По две години без победнички болид Британецот ќе го напушти Мерцедес во обид да стигне до рекордната осма титула за да го престигне Михаел Шумахер кој исто така има седум титули.
Седумкратниот светски шампион и најуспешен возач на сите времиња по број на победи (103) ќе го напушти Мерцедес на крајот од оваа година, иако има важечки договор до крајот на 2025 година.
Тоа значи дека италијанскиот гигант ќе ја активира неговата откупна клаузула, a тимот од Маранело ќе го напушти Карлос Саинц. Неговите можни дестинации се Ауди, Астон Мартин или Мерцедес.
Информацијата на шпански AС ја потврдија и Скај Спортс и Би Би Си што значи дека се чека само официјално соопштение кое би можело да следи уште денеска.
Ферари го бараше Хамилтон и минатата година, пред да го продолжи договорот со Мерцедес, кога според „Дејли мејл“ му понудиле 45 милиони евра само за да го потпише договорот.
Со оглед на тоа што според актуелниот договор заработува нешто помалку од 60 милиони евра годишно, Ферари сигурно изнел силни аргументи за да се договори за трансфер.
Хамилтон е седумкратен шампион во Формула 1, а последната титула ја освои во 2020 година, по што започна ерата на Макс Верстапен.
Британецот освои шест од неговите седум светски титули откако дојде во Мерцедес во 2013 година, а првата ја освои за Мекларен.
Од друга страна, Ферари својата последна титула ја освои далечната 2007 година со Кими Раиконен, по што Хамилтон доминираше.