Во поранешна Југославија Блажевиќ бил на клупата на Динамо, Ријека, Хајдук, Приштина и Слобода / Photo: AA

Легендарниот хрватски фудбалски тренер Мирослав Ќиро Блажевиќ почина денеска на 88 годишна возраст по долго и тешко боледување.

Блажевиќ долго се бореше со карциномот кој прв пат му беше дијагностициран во 2011 година. Два пати успеа да ја победи болеста, но за жал не и трет пат. Почина во Загреб два дена пред неговиот роденден.

Блажевиќ е роден во Травник, БИХ, каде во локалниот Братство ја започнал фудбалската кариера. Настапувал и за Динамо Загреб, Локомотива, Сараево и Ријека, а кариерата ја завршил во швајцарски Сион.

Во Швајцарија ја започнал и тренерската кариера, а ја предводел и репрезентацијата на оваа држава. Во поранешна Југославија на клупата на Динамо седел четири пати, а бил тренер и на Ријека, Хајдук, Приштина и Слобода.

Мирослав Ќиро Блажевиќ беше селектор на Хрватска, Босна и Херцеговина и Иран. Со Хрватска во 1998 година го освои третото место на светското првенство во Франција. Со Динамо го освои Купот на Југославија, а потоа два пати беше шампион на Хрватска и еднаш го освои купот на Хрватска.

TRT Balkan / агенции
Популарни