Натпреварувачкиот дух на спортистите кој го создаваат во текот на своите кариери, потоа се пренесува не само нивните професионални кариери, туку и во останатите животни полиња.
Еден од спортистите кои се активни, не само во спортот туку и во другите сфери, е поранешниот италијански репрезентативец Дамјано Томази (48). Тој неодамна стана градоначалник на Верона.
Шампионска титула со Рома
Томази во репрезентативниот дрес одигра 25 натпревари, а најголем дел од својата кариера помина во Рома за која играше од 1996 до 2006 година. Со римската „Волчица“ во 2001 година Томази освои и шампионска титула во „Серија А“ и италијанскиот Суперкуп.
Фудбалските почетоци на Томази се врзуваат за јуниорскиот тим на Верона, а од 1993 година до 1996 година премина во сениорите на истоимениот клуб, од каде во 1996 година замина за Рома.
Од 2011 до 2020 година, беше претседател на Здружението на италијанските фудбалери (AIC).
Непартиска личност
На изборите за градоначалник на Верона, Томази го победи досегашниот градоначалник Федерико Сбоарина, чија кандидатура е поддржана од крајно десничарската партија „Италијански браќа“.
Во вториот круг од гласањето, Томази го победи Сбоарина со 54,4 отсто освоени гласови. Она што е интересно е фактот што поранешниот фудбалер не е член на ниту една политичка партија, иако во вториот круг го поддржа „Партито Демократико“, партија на левиот центар.
Италијанските медиуми пишувааат дека Томази за кратко време успеал да ги обедини гласовите на левицата, што во овој град беше тешко со оглед дека десничарските партии се на власт веќе 15 години, поради што неговата победа уште повеќе доби на значење.
Томази: На Верона и треба нова енергија
Томази уште во март ја најави својата кандидатура за градоначалник на Верона на изборите што се одржаа на 26 јуни во недела. Тој во интервју за италијанскиот интернет сајт Heraldo истакна дека одлуката да се кандидира за градоначалник беше избор за кој вреди да се размисли.
„Управувањето со градот е сериозна работа. Пред да прифатам, сакав да разберам што се очекува од мене и што можам да направам за Верона. Ни треба нова енергија и мислам дека сите треба да се вклучиме. Затоа решив да се посветам лично“, истакна Томази.