Португалците со пласманот помеѓу најдобрите четири репрезентации во светот го постигнаа својот најдобар резултат во историјата / Photo: Reuters

Актуелниот светски шампион во ракомет Данска, во второто полуфинале на Светското првенство ќе игра против Португалија.

Данците во четвртфиналето во Осло го совладаа Бразил со 33:21 (15:12), а Португалија по продолжетоци славеше против Германија со 31:30 (26:26, 13:9).

Португалците со пласманот помеѓу најдобрите четири репрезентации во светот го постигнаа својот најдобар резултат во историјата.

Мечот започна одлично за Португалија, која имаше позитива и од четири гола разлика, но кон средината на второто полувреме, Германија не само што се врати, туку го презеде и водството.

До крајот на регуларните 60 минути се играше гол за гол, а Германија го имаше последниот напад за победа, но не успеаја ниту да шутнат, односно нивниот напад заглави, па мечот заврши 26:26.

Волф беше во прв план, дојде до бројката од 21 интервенција, но во последниот напад Мартин Кошта даде златен гол и ја продолжи бајката на тимот на ова Светско првенство каде Португалија за првпат е во оваа фаза.

Франциско Кошта беше најдобар кај Португалија кај стрелците со осум гола, пред Виктор Итуриза со седум гола, а кај Германија, Лукас Зербе имаше 9/9, а Јури Кнор даде седум погодока.

Во продолженијата од двапати по пет минути, повторно иста слика. Гол за гол на двете страни, а повеќе спортска среќа имаше Португалија која на крајот победи со 31:30.

Данците, трикратните последователни светски шампиони не дозволија никакво изненадување.

Поведоа со 2-0 и не го испуштија водството до крајот на натпреварот. На половина од првиот дел имаа седум гола предност (10:3), но Бразил до одмор ја намали негативата на три гола (15:12).

Данска на стартот од вториот дел набрзина повторно дојде до +7 (23:16), а во 49. минута имаше огромни 11 голови предност (29:18). До крајот на мечот беше под знак прашалник колкава разлика ќе добијат Данците.

Светските шампиони со по шест гола ги предводеа Емил Јакобсен, Матијас Гидсел и Расмус Лауге Шмит, додека Емил Нилсен имаше 15 одбрани.

На спротивната страна најефикасен беше Винисиос Анџело Лима де Карваљо со седум гола.

Данците со оваа победа ја продолжија низата без пораз на светските првенства на 35 натпревари. Шест години немаат пораз на светските првенства, освојувајќи три последователни титули (2019, 2021, 2023).

Данска- Португалија играат во петок на 31 јануари во Осло, а во второто полуфинале в четврток во Загреб се среќаваат Хрватска и Франција.


TRT Balkan / агенции
Популарни