Силва, а потоа и Ковачиќ ги промашија пеналите за Сити / Photo: Reuters

По Пари Сен Жермен и Борусија Дортмунд во вторникот, вчера и фудбалерите на Реал Мадрид и Баерн Минхен се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите.

По фантастичната прва средба во Мадрид, која заврши 3:3, Манчестер Сити и Реал одиграа 1:1 во реваншот на „Етихад“ по продолженијата, па прашањето за патникот во полуфиналето беше решено со удари од белата точка.

На крајот поуспешни беа Шпанците, Реал победи со 4:3.

Родриго ги доведе гостите во водство во 12. минута, а израмни Кевин Де Брујне во 76. минута. Белингем, Васкез, Начо и Рудигер погодија во „лотаријата“ на пенали за Реал, а на спротивната страна погодија Алаварез, Фоден и Едерсон. Модриќ промаши во Реал, а Силва и Ковачиќ во Сити.

Двете екипи се пласираа во четвртфиналето без пораз, но еден од овие два гиганти мораше да го заврши европското патување.

Актуелниот европски шампион Манчестер Сити и најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид трета година по ред се сретнаа во фазата за испаѓање во Лигата на шампионите. Минатата сезона „Граѓаните“ беа поуспешни во полуфиналето освојувајќи ја круната, додека во сезоната 2021/22 славеа Шпанците кои исто така ја освоија титулата.

Фудбалерите на германскиот гигант Баерн изборија пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите откако во реваншот од четвртфиналето во Минхен го совладаа Арсенал со 1:0, откако мечот во Лондон заврши 2:2.

Решавачкиот гол го постигна Џошуа Кимик во 63. минута.

Баерн во полуфиналето ќе игра со Реал Мадрид.

За Баварците, кои шест пати беа европски прваци, тоа е прво полуфинале по 2020 година, кога ја освоија последната круна.

Во второто полуфинале ќе играат Борусија Дортмунд и Пари Сен Жермен.

Парижаните последен пат играа во полуфинале во 2021 година, додека тоа ќе биде прво полуфинале за Борусија од 2013 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни