Фудбалската репрезентација на Југославија на СП во Италија     Фото: Ројтерс

Љубителите на фудбалот од поранешна Југославија добро го паметат 30 јуни 1990 година. За овој датум е врзан последниот настап на југословенската репрезентацијата на Светско фудбалско првенство. На Мундијалот во Италија во 1990 година настапуваше една од најдобрите генерации на поранешната држава. Репрезентацијата предводена од Стојковиќ-Пикси, Савичевиќ, Сушиќ, Просинечки го имаше последниот заеднички настап на денешен ден пред повеќе од три децении.

Стигна до четвртфиналето во Фиренца каде беше елиминирана од Аргентина. На крајот Југославија официјално заврши на петтото место на светското првенство.

Групна фаза

Југославија беше во група со Германија, Колумбија и Обединетите Арапски Емирати. Во првото коло Југославија отвори со пораз од Германија од 4:1. Во второто коло беше поуспешна од Колумбија со 1:0, а во третото доминираше против Обединетите Арапски Емирати со 4:1.

Шпанија во осмина финале

По групната фаза на ред дојде осминафиналето. Вкрстувањето на Југославија и ја донесе Шпанија како противник. Шпанците поведоа со 1:0, но со двата гола на Драган Стојковиќ-Пикси од кои еднниот од слободен удар, Југославија се пласира меѓу осумте најдобри на светот.

Кобните пенали против Аргентина

Во четвртфиналето избраниците на селекторот Ивица Осим за противник ја имаа Аргентина, со Марадона во составот. Југославија имаше повеќе од играта и створи неколку шанси за гол, но сепак не успеа да го совлада аргентинскиот голман. Немаше да биде незаслужено ако и по регуларните деведесет минути југословенските фудбалери се пласираа во полуфиналето.

Сепак натпреварот заврши без голови. Се премина на изведување пенали. Савичевиќ и Просинечки беа успешни за Југославија. Голманот Ивковиќ му одбрани пенал на Марадона. Но Пикси ја погоди пречката, а аргентинскиот голман ги одбрани ударите на Брновиќ и Хаџибегиќ во последната серија. Така Аргентина иако објективно за нијанса послаб противник на теренот се пласира во полуфиналето. Потоа играше и во големото финале каде беше совладана од Германија со 1:0.

Дел од фудбалерите од последната фудбалска репрезентација на СФРЈ потоа настапуваа за националните селекции кои се формираа по распадот на поранешната држава.

TRT Balkan
Популарни