Третиот ден од СП во Катар го донесе првото големо изненадување. Саудиска Арабија ја совлада Аргентина со 2:1 во Ц групата.
Аргентина на полувреме водеше со 1:0, со голот на Меси од пенал. На гаучосите им беа поништени и два гола поради офсајд.
Во второто полувреме Саудијците направија пресврт за четири минути. Во 49 минута Ал Шехри изедначи на 1:1. Ал Девсари во 53 минута и донесе водство на Саудиска Арабија.
На Меси и соиграчите не им беа доволни второто полувреме и судиското продолжение од 14 минути за да го најдат патот до голот на Саудиска Арабија. Фудбалерите на Саудиска Арабија успешно се бранеа, а при еден напад на Аргентина ја извадија топката од гол линијата.
Во вториот натпревар од оваа група денеска од 17:00 часот се среќаваат Мексико и Полска. Во Д групата исто така има два натпревара. Во 14:00 часот Данска игра против Тунис, а од 20:00 часот силите ќе ги одмерат Франција и Австралија.