Аргентинците и Хрватите во овој натпревар ќе ги предводат првите ѕвезди и капитени Лионел Меси и Лука Модриќ. / Photo: Reuters Archive

Светското фудбалско првенство во Катар влегува во самата завршница, а прв чекор кон добивањето на светскиот првак ќе биде направен вечерва во полуфиналниот меч помеѓу Хрватска и Аргентина на стадионот Лусаил во 20 часот по средноевропско време.

Патот на Аргентина до полуфиналето на СП

На патот до полуфиналето на Светското првенство Аргентина запиша еден пораз од Саудиска Арабија (1:2), на отворањето на натпреварувањето во групата „Ц“. Потоа, пласманот во нокаут фазата го обезбедија со победите против Мексико (2:0) и Полска (2:0).

Во осминафиналето Аргентина ја совлада Австралија со резултат 2:1 и успешно помина уште една пречка. Четвртфиналето го донесе големиот дуел на светскиот фудбал помеѓу Аргентина и Холандија. По извонредно одиграни 120 минути, кои завршија со резултат 2:2, Аргентиците славеа на пенали и се пласираа во полуфиналето. Така Меси стигна на само два чекори од единствениот трофеј кој му недостасува во кариерата - трофејот на шампион на Светското првенство.

Патот на Хрватска до полуфиналето на СП

Од друга страна, Хрватска во Катар стигна како вицешампион на светот од претходниот Мундијал во Русија, но малку кој очекуваше дека може да повтори сличен резултат од 2018 година. Сепак, избраниците на селекторот Златко Далиќ, предводени од капитенот Лука Модриќ повторно дојдоа на чекор до финалето. Во групата „Ф“ Хрватска ремизираше со Мароко (0:0) и со Белгија (0:0), а ја совлада Канада (4:1), што беше доволно за обезбедување место во осминафиналето.

Следна пречка беше Јапонија, која во победите во групата над Германија и Шпанија стигна меѓу 16 најдобри селекции во светот. И во осминафиналето Јапонците покажаа дека се одлична репрезентација, но по 120 одиграни минути и резултат 1:1, по подобро изведените пенали, победи Хрватска.

Во пресрет на четвртфиналето во кое ривал на Хрватска беше Бразил, многумина однапред ја отпишаа. Но избраниците на Златко Далиќ уште еднаш потврдија дека се врвна репрезентација која е во самиот светски врв на фудбалот.

По 90 минути, резултатот беше 0:0, а потоа Бразил имаше водство во првото продолжение. Изгледаше дека тука е крајот на учеството на Хрватска на овој мундијал, но Бруно Петковиќ во 117 минута го изедначи резултатот, со што за победникот се одлучуваше на пенали. Хрватска уште еднаш беше поуспешна во изведувањето на пенали и стигна до ново полуфинале на Светското првенство.

Статистика од досегашни меѓусебни дуели

Хрватска и Аргентина досега имаат одиграно пет меѓусебни натпревари, од кои двете репрезентации победиле по два пати, а еднаш одиграле нерешено. На претходното СП во Русија, Хрватска во групната фаза ја победи Аргентина со 3:0. На Мундијалот во 1998 година Аргентина беше подобра со 1:0 во групната фаза. Во 2014 година, во пријателски меч одигран во Лондон, Аргентина ја совлада Хрватска со 2:1. Во 2006 година во Базел, исто така во пријателски меч, Хрватска ја победи Аргентина, со резутлат 3:2. Во 1994 година во Загреб, пријателскиот дуел помеѓу овие две репрезентации заврши без голови.

Роналдо со пофалби за Хрватска

Поранешниот бразилски напаѓач Роналдо Назарио, освојувач на Светското првенство во 1994 и 2002 година, ги пофали играчите за врска на Хрватска кои, како што рече, ја „сокрија топката“ на Бразилците во четвртфиналето, натпреварување во кое вели дека „не би сакал“ да ја види Аргентина со титула.

„Не можам да одговорам во името на целиот Бразил, но можам во свое име. Би бил среќен поради Меси, секако, но помеѓу Бразил и Аргентина, постои големо ривалство па не сакам да бидам лицемерен и да кажам дека би се радувал на победа на Аргентина, бидејќи тоа не е вистина“, изјави Роналдо за „Марка“.

Аргентинците и Хрватите во овој натпревар ќе ги предводат првите ѕвезди и капитени Лионел Меси и Лука Модриќ. Според она што може да се слушне од познавачите на фудбалот, Хрватска се покажа како високодисциплинирана во играта и уверени се дека можат да победат било кој противник во продолжетоци или на пенали. Аргентина исто така ќе биде многу внимателна и ќе се ослонува на брилијантноста на Меси со оглед на неговите способности за асистенција или погодок надвор од шеснаесетникот. Поради сето ова, се очкува натпреварот да биде вистинско тактичко надмудрување.

Според анализите на Аналитичката куќа „Граченоте“ (Gracenote), прв фаворит за освојување на Светското првенство е Аргентина. Методологијата на Граченоте Спорт се базира на ЕЛО системот, а исто така во предвид се земаат бодовите освоени на начин така што натпреварите на светските првенства и континенталните натпреварувања се поважни од пријателските натпревари.

Според овие анализи, Аргентиците имаат 41% за освојување на титулата, а според истите пресметки, Франција има 26 % шанси, Мароко 17%, а Хрватска 16%.

За потсетување, во среда на стадионот Ал Бајт ќе се игра второто полуфинале од Светското првенство во кое ќе играат Франција и Мароко.

TRT Balkan / агенции
Популарни