Сара Ристовска ја предводеше листата на стрелци со шест постигнати голови / Photo: РФМ

Женската ракометна репрезентација на Македонија го доживеа првиот пораз во квалификациите за пласман на ЕП кое кон крајот на годината ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

Ракометарките во СЦ „Борис Трајковски“ загубија од Шпанија со 19:31 во рамки на третото квалификациско коло. Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски во првите две кола славеа над Азербејџан (40:17) и Литванија (31:28) и направија голем исчекор кон пласманот на ЕП, но вечерва загубија од фаворизираната Шпанија која го задржа максималниот ефект.

Ракометарките на почетокот од мечот играа солидно и му парираа на фаворизираниот противник, кој во завршницата од првото полувреме направи серија од 0:5 и поведе со 10:17.

Дилемите околу победникот беа решени во првите осум минути од второто полувреме кога Шпанија постигна шест гола по ред и поведе со 11:23. На крајот Шпанките славеа со убедливи 19:31.

Сара Ристовска ја предводеше листата на стрелци кај Македонија со шест постигнати голови, додека Александрина Барбоса даде седум гола кај Шпанија.

Овие две репрезентации в недела во Ланзароте повторно ќе играат меѓу себе. Клучните натпревари за ракометарките кои треба да и донесат заверка на второто место во групата 5 и пласман на ЕП, ќе се играат на почетокот од април, прво избраничките на Грчевски ќе играат против Азербејџан на гости, а потоа ќе ја пречекаат Литванија.

TRT Balkan / агенции
Популарни