Тој минатата сезона одигра вкупно 63 натпревари, постигна 12 гола и забележа 14 асистенции / Photo: Reuters

Родри, шпанскиот играч од средниот ред кој настапува за Манчестер Сити, ја освои Златната топка, наградата што му се доделува на најдобриот фудбалер во претходната сезона, на церемонијата одржана во Париз.

Родри со репрезентацијата на Шпанија го освои Европското првенство, а со Манчестер Сити го освои англиското првенство.

Тој минатата сезона одигра вкупно 63 натпревари, постигна 12 гола и забележа 14 асистенции.

Во Париз наградата ја доби на патерици, поради повреда на предните вкрстени лигаменти. Гласаа 100 новинари од стоте најдобри земји во рангирањето на ФИФА, секој од нив направи листа со ТОП 10 фудбалери. Меѓу првите четири се Винисиус, трет Белингем и четврти Карвахал. „Ова е победа за шпанскиот фудбал, за сите великани кои го создадоа. Тука би можел да биде и Карвахал. Имав сон и го остварив. Работев со години и напредував“, изјави Родри, најдобриот заден играч за врска во светот, совршен „пивот“ кој брилијантно раководи со фудбалска игра.

Тој е единствениот фудбалер за врска кој го освои највредното признание по Лука Модриќ во 2018 година.

Фудбалерката на Барселона и шпанска репрезентативка Ајтана Бомати ја освои Златната топка во женска конкуренција, со што ја одбрани наградата од претходната сезона.

Карло Анчелоти беше добитник на наградата за најдобар тренер во претходната сезона, но не ја прими, бидејќи на церемонијата не присуствуваше никој од Реал Мадрид.

Наградата за најдобар тренер на женска екипа во претходната сезона ја освои Ема Хејс, која ја извршува функцијата селектор на репрезентацијата на Соединетите Американски Држави (САД).

Аргентинецот Емилијано Мартинез, кој настапува за Астон Вила, беше прогласен за најдобар голман на светот минатата сезона, а зад него се Унаи Симон, Андриј Луњин, Џанлуиџи Донарума, Мајк Маињан, Јан Сомер, Џорџи Мамардашвили, Диого Коста, Ронвен Вилијамс и Грегор Мале.

Наградата за најдобар стрелец во претходната сезона ја поделија Хари Кејн и Килијан Мбапе со по 52 гола во текот на сезоната.

Реал Мадрид беше избран за најдобар тим во машка конкуренција за претходната сезона, но никој од мадридскиот клуб не беше во Париз, па не ја доби наградата.

Барселона ја доби наградата за најдобар женски тим во претходната сезона.

Наградата за најдобар млад играч ја доби Ламине Јамал (17), а потоа следуваат Арда Гулер, Коби Мајно, Савињо и неговиот соиграч Пау Кубарси како и Жоао Невес, Алехандро Гарначо, Ворен Заир-Емери, Мети Тел и Карим Конате .

Фудбалерите на Реал Мадрид решија да ја бојкотираат Златната топка и не дојдоа во Париз бидејќи пред церемонијата „протече“ информација дека нивниот Винисиус Јуниор нема да ја добие престижната награда.

Трофејот се доделува врз основа на индивидуалниот учинок, колективниот учинок и рекордот на играчите, а оваа година за Златната топка беа номинирани 30 играчи.

Златната топка се доделува од 1956 година, а Лионел Меси рекордни осум пати ја освои наградата, додека Кристијано Роналдо пет пати беше најдобар.

TRT Balkan / агенции
Популарни