Садио Мане во Баерн Минхен     Фото: Ројтерс

Сенегалскиот фудбалски ас Садио Мане, официјално е нов играч на Баерн од Минхен.

Раководството на баварскиот клуб соопшти дека потпишале тригодишен договор со поранешниот голгетер на Ливерпул, Мане.

Челниците на Баерн, Херберт Хајнер, Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ истакнаа дека е извонредно што потпишале договор со играчот и светска ѕвезда Мане и дека неговиот трансфер ќе ја зголеми атрактивноста на Бундеслигата.

Мане изјави и дека со нетрпение чека да дојде во Минхен.

„Сакам да постигнам многу на меѓународната сцена со овој клуб. Гледав многу натпревари на Баерн Минхен за време на мојот престој во Салцбург. Го сакам овој клуб“, изјави Мане.

Мане за Ливерпул играше од 2016 година, а претходно настапуваше во Салцбург и Саутемптон. За Ливерпул одигра 269 натпревари и постигна 120 гола. Со тимот од „Енфилд“ ја освои Лигата на шампионите и англиската Премиер лига.

За репрезентацијата на Сенегал играше 89 пати, постигна 31 гол, а во 2019 година беше прогласен за најдобар фудбалер во Африка.

TRT Balkan / агенции
Популарни