Фудбалскиот клуб Железничар од Сараево ќе гостува во Скопје на пријателски натпревар со ФК Вардар, по повод 75 годишнината на најтрофејниот клуб во Северна Македонија.
Славеничкиот пријателски меч на некогашните фудбалски прваци од поранешна Југославија, Вардар и Железничар, ќе се игра на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Натпреварот е најавен за 23 ноември оваа година, со почеток во 19:30 часот.
75 години ФК Вардар
Скопскиот фудбалски клуб Вардар e основан во 1947 година. Тоа е најтрофејниот фудбалски клуб во Северна Македонија со освоени 11 национални првенства и 5 национални купови.
Клубот нижеше успеси и во поранешна Југославија. Во 1961 година ФК Вардар беше победник во Купот на Југославија и со тоа следната сезона играше во Купот на европските куп победници. Во 1986 година Вардар играше и во Купот на УЕФА, а во сезоната 1987-88 беше шампион на Југославија. Потоа, скопскиот клуб играше во Купот на европските шампиони кога беше елиминиран од актуелниот европски првак, португалскиот Порто.
Пред пет години Вардар го направи најголемиот успех во клупскиот фудбал од осамостојувањето на државата, односно се пласираше во групната фаза на УЕФА Европа Лигата.
Но, од мај минатата година клубот е банкротиран, испаднат од Првата лига и се натпреварува во Втората македонска лига.