Шпанија и Италија се пласираа во осминафиналето на ЕВРО 2024 / Photo: AA

Синоќа на програмата беа натпреварите Хрватска - Италија и Албанија - Шпанија од последното трето коло во групата Б на Европското првенство во фудбал ЕВРО 2024 што се игра во Германија.

На натпреварот што се одигра во Лајпциг, Хрватска поведе преку Лука Модриќ во 55. минута. Во тие моменти селекцијата на Хрватска со четири бода беше второпласирана и имаше пласман во осминафиналето на ЕВРО 2024. Сепак, сѐ не одеше според желбите на хрватските фудбалери. Репрезентацијата на Италија успеа да израмни на 1:1 во судиското продолжение, 90 + 8 минути, со голот на Матија Закањи и ја замени Хрватска на втората позиција, обезбедувајќи пласман меѓу 16 најдобри селекции на Стариот Континент.

Во вториот натпревар од оваа група што се одигра во Дизелдорф, репрезентацијата на Шпанија, која веќе имаше обезбедено пласман во нокаут фазата на ЕВРО 2024, ја совлада селекцијата на Албанија со резултат 1:0. Единствениот погодок за Шпанците го постигна Феран Торес во 13. минута од натпреварот.

Прво место во групата Б со три победи на три натпревари освои Шпанија со 9 бода. Италија е второпласирана со 4 бода, Хрватска е трета со 2, а Албанија е на дното на табелата со еден освоен бод.

AA
Популарни