Меѓународниот синдикат на фудбалери (ФИФПРО) поднесе тужба до судот во Брисел против Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) поради проширувањето на Светското клупско првенство.
Светското клупско првенство ќе се одржи од 15 јуни до 13 јули следната година во САД, а на него ќе учествуваат 32 клуба.
ФИФПРО поднесе тужба против ФИФА заедно со Англиската асоцијација на професионални фудбалери (ПФА) и Францускиот сојуз на играчи (УНФП).
ФИФПРО наведува дека е загрижен за физичките и металните барања што им се поставуваат на играчите и додава дека ваквите одлуки „ги кршат правата на играчите и нивните синдикати“.
Од бриселскиот суд се бара и да го упати случајот до Европскиот суд на правдата.
АП потсетува дека ФИФА ги откри деталите за проширеното светско клупско првенство во декември минатата година.
„Кога ќе се вклучат подготвителните периоди и патувањата, турнирот најверојатно ќе создаде до шест недели дополнителна работа за да се додаде на веќе пренатрупаниот распоред“, се вели во соопштението на ФИФПРО.
Според синдикатот, Повелбата на ЕУ за основните права им гарантира на работниците и нивните синдикати различни основни права.
„Тие вклучуваат забрана на принудна или задолжителна работа, слобода на работа, право на преговарање и склучување колективни договори, право на здрави работни услови и право на годишен период на платен одмор. Овие права се опфатени со членовите 5, 15, 28 и 31 од Повелбата“ велат од ФИФПРО.
Играчите и нивните синдикати постојано го истакнуваат актуелниот фудбалски календар како преоптоварен и неостварлив.
„За играчите кои се најбарани и за клупските натпревари и за репрезентативните натпреварувања, правото на загарантирана годишна пауза практично стана непостоечко, со тоа што Светското клупско првенство на ФИФА 2025 се одржува во единствениот период од годината, теоретски достапен за играчите да направат такви паузи“, велат од ФИФПРО.