Синер на тој начин ќе има можност да ја одбрани титулата во Мелбурн, каде минатата година го освои првиот Грен слем трофеј во кариерата / Photo: AA

Во финалето на Австралија опен, првиот Грен слем турнир во годината, ќе настапат двајцата најдобрите светски тенисери, бранителот на титулата Италијанецот Јаник Синер и Германецот Александар Зверев.

Светскиот рекет број еден Синер го победи Американецот Бен Шелтон во полуфиналето со 7:6(2), 6:2, 6:2 за нешто повеќе од два и пол часа игра.

Пред Синер, Зверев стигна до финалето и му требаше само еден сет за тоа. Вториот светски рекет Зверев го доби тајбрејкот во првиот сет против Ѓоковиќ, кој потоа се повлече поради повреда на мускулот на ногата.

Синер на тој начин ќе има можност да ја одбрани титулата во Мелбурн, каде минатата година го освои првиот Грен слем трофеј во кариерата. Потоа во 2024 година беше најдобар на УС Опен.

Зверев во кариерата сѐ уште ја чека првата титула на еден од четирите Грен слем турнири. Два пати играше во финалето и двата пати загуби, во 2020 година на УС Опен од Австриецот Доминик Тием, додека минатата година беше поразен на Ролан Гарос од Шпанецот Карлос Алкараз.

Шелтон можеше да го направи многу покомплициран полуфиналниот натпревар против Синер. Тој водеше со 2:0 на стартот од мечот, но Синер се врати. Сепак, при 5:5 Американецот доби нов брејк и потоа сервираше за 1:0 во сетови. Но не можеше да го издржи притисокот на Синер, кој го врати загубеното, доминираше во тај-брејкот и потоа поведе со 4:0 во вториот сет.

Во третиот сет, Шелтон се држеше до 2:2 кога следеше нов брејк од 23-годишниот Италијанец, отворајќи го патот кон славјето кое беше зачинето со серија од пет гемови во низа.

Со пласманот во полуфиналето, Шелтон, кој е една година помлад, го изедначи својот претходен најдобар резултат на Гренд слем турнирите. Тој се појави и во полуфиналето на УС Опен.

Во првиот полуфинален меч од програмата Зверев го победи Ѓоковиќ по еден сет игра, кој траеше час и 21 минута. Откако Зверев не успеа да искористи ниту една од своите пет брејк топки, а Ѓоковиќ имаше три неискористени, германскиот тенисер победи во тај-брејкот со 7-5. Веднаш потоа Ѓоковиќ тргна кон мрежата и го предаде мечот.

„Воопшто не тренирав по мечот со Алкараз. Првпат ја удрив топката на еден час пред полуфиналниот натпревар против Зверев. Се обидов да направам се за да бидам подготвен, но на крајот од првиот сет болките почнаа да се влошуваат. Овој пат не можев да се снајдам. Да го добиев првиот сет, можеби ќе се обидов да се борам уште некое време. Во секој случај, несреќен крај“, изјави Ѓоковиќ.

Пред машкото финале на Австралија опен, следува и женското финале во сабота, а Белорусинката Арина Сабаљенка ќе игра против Американката Медисон Кис.

TRT Balkan / агенции
Популарни