Босанскиот репрезентативец Џанан Муса беше прв стрелец на Реал со 20 поени / Photo: Reuters

Кошаркарите на Реал Мадрид и Панатинаикос ќе играат во неделното финале на Туркиш Ерлајнс Евролигата, откако во второто полуфинале на Фајнал форот во Берлин, реприза на финалето од минатата сезона, шпанскиот тим го совлада Олимпијакос со 87:76 (28:10, 28:27, 15:21, 16:18).

Реал е рекордер по бројот на титули во Евролигата. Единаесет пати беше на врвот на Европа, а уште девет пати играше во финалниот меч. Олимпијакос со овој пораз останува на трите трофеи во својата историја.

Реал имаше фуриозен почеток, добивајќи ја првата четвртина со 28-10. Најдобар играч на Реал на стартот беше хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња, кој постигна девет поени во воведните десет минути, 3-4 за тројка.

Мадриѓаните одржуваа голема предност во текот на втората четвртина и на пауза заминаа со големи 56:37. Олимпијакос не се предаде и во продолжението од дуелот полека ја намалуваше големата негатива, пред се предводени од одличниот Алек Петерс.

На шест минути до крајот грчкиот тим конечно ја намали предноста под десет поени. Сепак, клубот од Пиреја не беше ни блиску до поголем пресврт.

Џанан Муса беше прв стрелец на Реал со 20 поени, Хезоња го заврши натпреварот со 12 поени со шест скока, а Винсент Поарје и Гершон Јабуселе додадоа по 11 поени. Најдобар играч на Олимпијакос беше Алек Питерс со 23 поени и 10 скока, додека Шекил МекКисик додаде 17 со четири скока.

Претходно, во првото полуфиналето кошаркарите на Панатинаикос го победија Фенербахче со 73:57 (22:13, 16:23, 18:14, 17:7). Панатинаикос клучниот чекор кон финалето го направи на крајот на третата и почетокот на последната четвртина, кога дојде до двоцифрена предност, која ја задржа до крајот.

Матијас Лесорт беше најдобар во победничкиот тим со 17 поени и 10 скока. Кендрик Нан додаде 14 со три асистенции и четири скока, а Џеријан Грант постигна 13 поени.

Првото име на Фенербахче беше Најџел Хејс-Дејвис со 14 поени.

Во неделното финале, Панатинаикос ќе ја брка седмата европска титула. Тој уште еднаш играше финале и беше поразен. Последниот трофеј го освои во 2011 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни