Фудбалерите на Реал Мадрид ја искажаа поддршката за својот соиграч Винисиус Јуниор, откако бразилската ѕвезда минатиот викенд беше цел на расистички навреди.
Во пресрет на натпреварот од шпанската Ла Лига против Рајо Ваљекано на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид вчера, сите играчи на Реал Мадрид се појавија во дресот со бројот 20 на Винисиус Јуниор во знак на солидарност.
Винисиус Јуниор се појави на теренот за да им се заблагодари на сите што го поддржуваат.
И играчите на Реал Мадрид и на Рајо Ваљекано, исто така, држеа црвен транспарент на кој пишуваше „Расисти, надвор од фудбалот“, како дел од кампањата што ја започна шпанското фудбалско тело РФЕФ во вторникот.
Во 20. минута од натпреварот навивачите му аплаудираа на Винисиус Јуниор за да ја покажат својата солидарност.
Огромен транспарент на трибините зад голот пишуваше „Сите сме Винисиус, доста е“. Реал Мадрид го доби натпреварот со 2-1, а стрелци беа Карим Бензема и Родриго Гоес.
Расистичкиот инцидент
Напаѓачот на Реал Мадрид од 2018 година, Винисиус Јуниор (22) беше цел на расни навреди за време на натпревар од Ла Лига на стадионот Местаља во Валенсија.
Група навивачи јасно се слушна како го нарекуваат Винисиус „мајмун“, што е расистички израз кој се употребува за навреда на црномурестите луѓе.
Клубовите и играчите објавија пораки за солидарност до бразилскиот фудбалер.
Валенсија, исто така, „остро го осуди“ расистичкиот чин против Винисиус, вети дека ќе преземе мерки против осомничените на Местаља и ќе отвори дисциплински случај.
Во меѓувреме, стадионот „Местаља“ ќе биде делумно затворен во следните пет натпревари, соопшти РФЕФ.
Валенсија е казнета и со 48.525 долари.
Шпанската полиција уапси тројца млади луѓе во Валенсија за наводно сторени злосторства од омраза против ѕвездата на Реал Мадрид.
Многу бразилски играчи се соочија со омраза и расистички навреди во Шпанија во изминатите неколку години, вклучувајќи ги Винисиус Јуниор, Нејмар Јуниор и Даниел Алвеш.
Расизмот сè уште ги погодува странските играчи, главно африканските и арапските играчи, во европските земји како Франција, Англија и Италија.
Во 2022 година, француските играчи со африканско потекло, Аурелиен Чоамени, Кингсли Коман и Рандал Коло Муани, се соочија со навреди на интернет откако го загубија финалето на Светското првенство од Аргентина.
Во 2019 година, на натпреварот против Ливерпул во Премиер лигата, навивачите на Челзи скандираа „Салах е бомбаш“, мислејќи на нивниот поранешен играч.