Денеска во Катар ќе се одиграат уште два натпревари од Светското фудбалско првенство, по што ќе бидат познати последните четвртфиналисти.
Во 16:00 часот на стадионот „Едукејшн сити“ се среќаваат Мароко и Шпанија, а четири часа подоцна на стадионот „Лусаил“ Португалија и Швајцарија.
Селекторот на репрезентацијата на Шпанија, Луис Енрике, верува дека неговите фудбалери ќе го победат Мароко во регуларниот дел од натпреварот, бидејќи „имаат јасна идеја“, но очекува и дека ќе успеат да се изборат со евентуалниот притисок доколку дојде до изведување на пенали.
Селекторот на репрезентацијата на Мароко, Валид Реграги, призна дека ќе биде големо изненадување доколку неговиот тим ја победи Шпанија во осминафиналето на Светското првенство во Катар. Но, тој исто така истакна дека нема однапред да се предаде.
Претходните денови, шест репрезентации изборија учество во четвртфиналето во кое ќе играат Холандија и Аргентина, Франција и Англија и Хрватска и Бразил.