Пешевски со 6 гола, колку даде и Кузмановски, беа најефикасните во македонската репрезентација / Photo: Reuters

Ракометната репрезентација на Македонија го совлада Катар со 39:34 и ја извојува втората победа на Светското првенство 2025.

Тимот на селекторот Кирил Лазаров ја прикажа својата најефикасна игра на ова првенство и тоа беше доволно за триумф, кој барем до вечер ја остава Македонија со теоретски шанси за пласман во четвртфиналето.

Доколку вечерва Холандија загуби од Франција, што е реално, последното коло ќе решава кој освен Французите, кои ќе бидат противник на нашата селекција, ќе оди во разигрување за титулата.

Македонија сега има четири бодови и е изедначена на втората позиција на табелата со Холандија, а пред Унгарија и Австрија со три бода и секако Катар, кој е без бодови.

Македонија денеска одигра мотивирано, со решеност да се добие натпреварот и тоа придонесе да го контролираме дуелот во кој Катар водеше само еднаш, и тоа на стартот кога поведе со 1:0.

Нашата репрезентација брзо го презеде водството, правејќи пресврт и поведувајќи со 3:1. Избраниците на Веселин Вујовиќ во неколку наврати успеаја да израмнат, но македонските ракометари покажаа смиреност и контрола, завршувајќи го првото полувреме со водство од 21:17.

Во второто полувреме, тимот предводен од селекторот Кире Лазаров успеа да го задржи темпото и да го одржи водството, иако Катар во одредени моменти се обидуваше да го врати натпреварот во неизвесна завршница. Сепак, нашите момци ја покажаа својата подготвеност и триумфираа.

Кузмановски и Пешевски дадоа по 6 гола, Митев и Костески по 5, а Лазаревски 4, што покажува дека победивме со тимска игра.

„Кажав и пред мечот со Катар дека одиме на победа. Верував во сите, ова е награда за сите наши натпревари што се боревме и што немавме среќа во последните минути да славиме. Сите бевме пожртвувани максимално, горд сум на момците, се наоѓам под емоции и многу сум радосен за оваа победа. Зад нас оставаме едно добро првенство, покажавме како треба да играме за Македонија и продолжуваме напред. Одигравме како тим, изгинавме сите за еден и покажавме единство“, рече капитенот Кузмановски.

TRT Balkan / агенции
Популарни