Репрезентациите од „Г” и „Х” групата денеска ги продолжуваат натпреварите на Светското фудбалско првенство во Катар.
Србија по поразот од Бразил во првиот натпревар ќе се обиде против Камерун да стигне до првите бодови. И Камерун исто така е без бодови бидејќи во првото коло беше поразен од Швајцарија. Натпреварот започнува во 11 часот.
Во вториот натпревар во 17 часот играат Бразил и Швајцарија кои по првите натпревари имаат по три бодови.
Германија се надева на последното коло
Во вчерашните натпревари во „Е” и „Ф” групата Мароко го направи најголемото изненадување. Мароканците ја совладаа Белгија со 2:0. Во вториот натпревар меѓу Хрватска и Канада, Хрватите славеа со 4:1. Иако губеа со 1:0 направија комплетен пресврт и остварија уверлива победа.
Хрватска и Мароко имаат по четири бодови, Белгија има три, а Канада е без бодови.
Во групата „Е”, поранешниот светски првак Германија се наоѓа во незавидна ситуација. По две кола има освоено само еден бод. Во првото коло загуби од Саудиска Арабија со 2:1, а синоќа со Шпанија одигра нерешено 1:1. Германците се последни во групата со еден бод, а Шпанија е првопласирана со четири бодови. Германија пласманот понатаму ќе го бара во последното коло и дуелот со Јапонија.
Јапонија е на второто место со три колку што има и Костарика на третото, но со послаба гол разлика. Вчера Костарика ја совлада Јапонија со 1:0.