Иако крикетот е спорт број еден во Пакистан, жителите на оваа земја со посебно внимание го следат и Светското фудбалско првенство кое се игра во Катар, а причина повеќе имаат затоа што на турнирот се користат топки кои се произведени токму во Пакистан.
Спортската треска во Пакистан се смири по минатонеделното освојување на второто место на Светското првенство во Крикет во Австралија, а Пакистанците се придружуваат на остатокот на светот во следењето на фудбалскиот Мундијал во Катар.
Пакистанската репрезентација не се пласираше во Катар, но Пакистан на првенството го претставуваат топки кои доаѓаат токму од таа земја.
Во Сидик Гот, предградие на главниот трговски град Карачи, улиците се украсени со портретите и постерите на фудбалските ѕвезди како Кристијано Роналдо, Лионел Меси и Нејмар.
Тука се и знамињата на земјите кои учествуваат на СП, првенствено од Бразил, Аргентина, Германија, Англија, Португалија и Катар. Може да се видат и постери на Мохамед Салах, египетскиот голгетер кој е омилен кај љубителите на фудбалот во Пакистан. Сепак нема да може да го гледаат бидејќи Египет не успеаа да се пласира на првенството во кое учествуваат моментално најдобрите селекции во светот.
На фреквентниот плоштад поставен е голем екран на кој жителите заедно гледаат натпревари.
Мини Катар
Местото е сместено во предградието на округот Малир, а во Пакистан е познато и како „мини-Катар“ бидејќи стотици млади од тоа подрачје, од етничката заедница Балошам, работат во таа богатата заливска држава. Бразил е далеку најомилената репрезентација на локалните љубители на фудбалот, а потоа следува Германија.
„Нејмар ќе блесне на ова Светско првенство“, рече Насир Балоч, локален фудбалер.
Уште еден жител Сагхер Балоч, учител, верува дека титулата првак на светот ќе ја освои Германија.
„Професионализмот и ладнокрвноста кои ги бара фудбалската игра е нешто што германските играчи го имаат по природа“, рече Сагхер, инаку голем навивач на Барселона.
Мини Бразил
Фудбалот е популарен спорт во Пакистан, но крикетот е спорт кој е неспоредливо попопуларен. Пакистанците спаѓаат во редот на најдобрите во крикет во светот, додека нивната фудбалска репрезентација е на 200 место на ФИФА ранг листата.
Меѓутоа, Лјари, градот на Арапското море, кој е неразвиен и завеан во безбедносни проблеми, сепак преферира фудбал и во Пакистан го нарекуваат и „Мини Бразил“, со оглед на бројните фудбалери кои излегоа од тука во минатото.
„Лјари отсекогаш навиваше за Бразил. Луѓето тука го сметаат Бразил за свој тим“, рече Ахмад Јан, тренер на локална женска фудбалска екипа.
Тој рече дека некои во Лјари навиваат и за Аргентина, но дека тоа е неспоредливо со бројот на луѓе и начинот на кој навиваат и го сакаат Бразил.
„Фудбалот ни е во крвта. Ќе и честитаме на секоја екипа која ќе ја освои титулата, но нашата наклонетост кон Бразил е непроменлива“, рече Јан кој смета дека Нејмар, Салах и Меси се моментално најдобри фудбалери на светот.
Пакистански топки во Катар
Пакистанците, сепак, индиректно учествуваат на Светското првенство во Катар бидејќи токму таа земја и Кина ги произведоа и ги испорача топките со кои се играат натпреварите на првенството.
Топката го носи името „Ал-Рихла“, што на арапски значи „патување“ и беше претставена како официјална топка за Светското првенство во 2022 година во март од „Адидас“ во Доха.
Сместена на периферијата на североисточниот град Сиалкот, фабриката „Форвард Спортс“ (Forward Sports) ги произведува топките „Ал-Рихла“, но и топките за германската Бундеслига, француската Лига 1 и Лигата на шампионите.
Оваа компанија исто така беше официјален давател на услуги на СП во 2014 и 2018 година во Бразил и Русија.
Производството на висококвалитетни фудбалски топки не е единственото богатство на Сиалкот. Исто така, извезува спортски стоки кои се движат од палки за крикет до стапчиња за хокеј и од топчиња за крикет и хокеј до други додатоци како што се спортска облека, опрема и обувки.
Земјата заработува милијарда долари годишно од извоз на спортска опрема, вклучувајќи 350 до 500 милиони долари само од фудбалските топки.
Пакистан и порано произведуваше рачно шиени фудбалски топки за светските првенства, но сега тоа го прави со значително пософистицирана технологија.
Термички лепените топки „Ал-Рихла“ се изработуваат со прицврстување на плочи со помош на топлина, што е најнова технологија која ја усвои „Адидас“ и ја пренесе на „Форвард Спортс“ во 2013 година. Топката нема шевови.