На Светското првенство во фудбал во Катар настапуваат 32 репрезентации. Поделени во осум групи од по четири репрезентации. И покрај најавите дека бројот на учесници ќе се зголеми на 48 репрезентации тоа беше оставено за некој од следните мундијали. Анализите дали навистина е потребно проширување на бројот на учесници допрва ќе се прават.
Но 32 места на светскиот шампионат не се еднакво распоредени меѓу континентите. Има разлика меѓу загарантираните места на шампионатот за секој континет или зона. Исто така различен е бројот на репрезентации кои во просек на секој континент се борат за едно место кое носи на мундијалот. Дел од играчите реагираа за фаворизирање на одредени континенти и побараа реформа на квалификацискиот систем. Еве како тој функционира.
Европските селекции со најголеми шанси за пласман
Вкупно 54 репрезентации од Африка беа во квалификациските групи за Светското првенство во Катар. Од нив пет се пласираа на Мундијалот, а 49 ќе ја чекаат следната шанса.
Од ова произлегува дека за едно место кое води до Светското првенство се бореле 11 селекции. Колку за споредба, тоа е пет пати повеќе од Јужна Америка. Односно и Јужна Америка има пет места на Светското првенство, од кои четири се сигурни, а петтото се обезбедува преку интерконтинентални дополнителни квалификации. Во квалификациите во Јужна Америка се натпреваруваат десет репрезентации. Според ова за петте места кои водат на Светско првенство во Јужна Америка се борат по две селекции.
Во Азија во квалификациите се натпреваруваат 46 селекции. Од нив шест се пласираа на Светското првенство вклучувајќи го и Катар како домаќин. Тоа значи дека за едно место на Светското првенство се бореле осум до девет репрезентации.
Океанија дава еден учесник на Светското првенство и тоа ако се пласира преку интерконтиненталните квалификации. Во Океанија седум репрезентации се борат за едно место на СП.
КОНКАКАФ зоната или Северна и Централна Америка и Карибите даваат три претставника на светското првенство. За трите места се натпреваруваат по девет репрезентации. И репрезентациите од оваа зона учествуваат во дополнителниот интерконтинентален плеј-оф со шанса уште две селекции да отпатуваат на шампионатот.
Најмногу репрезентации на Светското првенство, 13, доаѓаат од Европа. Во европските квалификации по четири репрезентации се натпреваруваат за едно место.
Како ќе изгледа Светско првенство со 48 репрезентации?
Планот на ФИФА за 48 репрезентации на Светското првенство предвидува зголемување на учесниците од сите континенти. Најмалку од Европа. Односно според новиот систем Европа би имала 16 претставници, Африка со девет, Азија со осум, Јужна Америка пет, КОНКАКАФ шест и Океанија со една репрезентација.