Уште 50 дена до почетокот на Олимписките игри во Париз 2024, а возбудата се зголемува додека олимпискиот факел се пробива низ Западна Франција, регионот Пеј де ла Лоара. Земјата шести пат е домаќин на мултиспортскиот настан.
И покрај прекините за време на Првата и Втората светска војна, олимпискиот дух опстојува, а 33. Летни олимписки игри треба да ја имаат својата свечена церемонија на отворање на реката Сена.
Натпреварувањето, кое започнува на 26 јули и ќе трае до 11 август, ќе биде во 29 традиционални спортови, но збогатено со нови, како брејкденс, спортското качување и сурфањето.
Париз ќе собере над 10.500 спортисти од 206 земји што ќе се натпреваруваат на 329 настани.
Парче од Ајфеловата кула
Спортистите што ќе победат ќе понесат со себе фрагмент од Ајфеловата кула бидејќи медалите имаат фрагменти од железо од познатиот симбол на Париз.
Металот е од делови од кулата што се отстранети за време на реновирањето во текот на 20 век.
„Во чест на враќањето на Игрите во Франција, секој олимписки и параолимписки медал ќе содржи парче од Ајфеловата кула, создавајќи длабока врска помеѓу овој објект, крајната цел на многу спортисти и најистакнатиот споменик на Париз и Франција“, се вели во соопштението за медиумите.
Спортистите од Русија и Белорусија ќе се натпреваруваат неутрално
Спортистите од Русија и Белорусија ќе се натпреваруваат како неутрални и нема да учествуваат на свеченото отворање, соопшти Меѓународниот олимписки комитет.
Знамињата, амблемите и химните на Русија и Белорусија, исто така, нема да се употребуваат, а руските и белоруските спортисти, кои ќе учествуваат неутрално, ќе треба да ги почитуваат сите антидопинг правила што се применуваат за другите спортисти.
Нема да биде поканет ниту еден официјален претставник од владите на двете земји ниту, пак, акредитиран како дел од игрите.
Церемонијата на затворање ќе се одржи на националниот стадион Стад де Франс во недела, 11 август.