Пред 101 година беше напишана епопеја за народ, кој го постигна невозможното, рече шефот на Дирекцијата за комуникации на Туркије по повод Денот на Републиката / Photo: AA

Шефот на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Туркије, Фахретин Алтун, испрати порака по повод 29 октомври, Денот на Републиката и 101-годишнината од основањето на Република Туркије, и порача дека ќе продолжат да работат за да ја водат Туркије во посилна иднина.

„Пред 101 година беше напишана епопеја за народ кој го постигна невозможното. 29 октомври е еп во кој борбата за независност, водена наспроти големите неволји, беше крунисана со победа, додека љубовта кон независноста се протегаше во вечноста. 29 октомври е посебен ден кој стана симбол на нашето единство и солидарност и нашата решителност што продолжува од првиот ден. Денеска со гордост и голема возбуда ја славиме 101-годишнината од основањето на Република Туркије“, рече Алтун.

Тој нагласи дека се решени да го зачуваат големото наследство што им го довериле нивните предци и да остават посилна Туркије на идните генерации.

„Историските откритија, мега проектите и нашата визија за Векот на Туркије, реализирани под водство на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ги поставуваат темелите на нашиот следен век и ја зајакнуваат нашата мотивација кон нашите цели. Ќе продолжиме да работиме за да ја водиме нашата земја во посилна иднина. Ќе ја продолжиме борбата против сите видови закани насочени кон нашето единство и солидарност. Покрај тоа, ќе работиме за свет каде што мирот и правдата ќе бидат воспоставени не само во нашиот регион, туку и на глобално ниво како што му треба на човештвото денес. Со овие чувства, на нашата нација ѝ го честитам 29 октомври, Денот на Републиката и со почит се сеќавам на сите наши херои кои ги положија своите животи во нашата борба за независност и иднина, особено на основачот на нашата Република, Гази Мустафа Кемал Ататурк“, заклучи Алтун.

Националниот празник Денот на Републиката во Туркије се слави на 29 октомври во знак на сеќавање на прогласувањето на Република Туркије во 1923 година. Републиката ја прогласи воениот водач Мустафа Кемал Ататурк, кој тогаш беше избран од Големото национално собрание на земјата за прв претседател на модерна Туркије.

Еден од најголемите национални празници е обележан со низа настани ширум земјата, вклучително и положување венци на Аниткабир, мавзолејот на Ататурк.

AA
Популарни