Асиметричниот проток на информации е еден од најважните елементи што ја храни глобалната неправда, рече Алтун во обраќањето на Енергетскиот форум во Истанбул / Photo: AA

Шефот на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, Фахретин Алтун, рече дека Западот ги експлоатира светските енергетски ресурси и рече дека Туркије, под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, се бори за глобална правда повикувајќи поправеден свет.

Алтун им се обрати на учесниците на Енергетскиот форум во Истанбул на главната сесија „Заедничка иднина, заеднички цели“, што е во организација на Анадолу Агенција, а под покровителство на Министерството за енергетика и природни ресурси на Турција.

Потенцирајќи дека енергијата е еден од најважните елементи на геополитичката конкуренција на глобалната сцена, Алтун рече дека доминацијата на енергетските ресурси е главниот елемент и компонента на глобалната борба за моќ.

Алтун потсети дека значаен дел од историјата на светот е историјата на колонијализмот, кој исто така беше на сцената поради искористувањето на природните ресурси.

„Во центарот на оваа историја е западната експлоатација на стоките и енергетските ресурси на незападниот свет. Под водство на нашиот претседател, Туркије се бори за глобална правда повикувајќи на поправеден свет против политиката на експлоатација која е извор на глобална неправда, а на ист начин нашата земја со инвестирање во областа на енергетиката се бори за глобална правда и за намалување на странската енергетска зависност. Се залагаме за зголемување и разновидност на ресурсите, да станеме енергетски центар, да обезбедиме снабдување со енергија, максимално да ги користиме сопствените ресурси, да бидеме пионер во обновливите извори на енергија и безбедно да пристапиме кон нуклеарната енергија“, рече Алтун.

Истакнувајќи дека таквите чекори се можни благодарение на остроумното и решително раководство на Ердоган, Алтун рече дека тие се исто така исклучително важни чекори во однос на зајакнувањето на глобалниот углед на Туркије.

Алтун истакна дека натамошното зајакнување на вредноста на турскиот бренд е еден од централните елементи на комуникацискиот модел Туркије, институционализиран во рамките на визијата на претседателот Ердоган.

Нагласувајќи дека енергетскиот форум во Истанбул е еден од плодовите што го зајакнуваат брендот Туркије во светот, Алтун рече дека една од најважните цели е овој форум да стане платформа за меѓународна и национална енергетска соработка.

„Оваа платформа е, пред сè, канал на дијалог. Денес нашиот свет се соочува со сериозни предизвици и тешки тестови во глобалниот енергетски контекст поради геополитичките кризи, регионалните конфликти, природните катастрофи предизвикани од климатските промени и проблемите во синџирот на снабдување. Наспроти овие предизвици и тешки искушенија, јасно е дека ни треба глобална соработка. Туркије верува дека енергијата треба да биде средство за регионална и глобална соработка, а не извор на конфликти и кризи. Наша цел е да изградиме плуралистичка платформа за производство и дистрибуција на информации, на која секој од актерите можат да зборуваат сами за себе, ние сме против еднодимензионалниот асиметричен проток на информации во областа на енергијата. Несомнено, овој асиметричен проток на информации е еден од најважните елементи што ја храни глобалната неправда“, рече Алтун.

AA
Популарни