Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот ја истакна важноста на напорите за воспоставување мир во соседна Сирија, повикувајќи ги сите заговорници за мир да го поддржат овој повик.
„Сакаме мир во Сирија и очекуваме сите оние кои се залагаат за мир да го поддржат овој историски апел“, рече Ердоган во разговор со новинарите по враќањето од Вашингтон, каде што оваа недела присуствуваше на самитот на лидерите на НАТО.
Тој се осврна и на мировните напори на Туркије во Сирија.
„САД и Иран треба да ги поздрават овие позитивни случувања и да го поддржат процесот за ставање крај на огромното страдање. Праведен мир во Сирија најмногу би ѝ користел на Туркије. Најважниот чекор во овој процес е почетокот на нова ера со Сирија“, рече Ердоган.
Тој ја коментираше и можната средба со сирискиот претседател Башар ал Асад, за која навести последните денови.
„Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан работи со својот сириски колега на изработка на патна карта и ние соодветно ќе преземеме чекори“, додаде Ердоган и нагласи:
„Со години се трудиме да го изгасиме пожарот во соседна Сирија.
Граѓанската војна во Сирија трае повеќе од една деценија.
„Нашето најголемо очекување е никој да не биде вознемирен од процесот во кој Сирија гради нова иднина како обединета и целосна држава“, рече турскиот претседател.
Тој предупреди дека „терористичките групи ќе направат се што можат за да го отрујат мировниот процес во Сирија“.
„Ќе планираат провокации и ќе поставуваат замки. Свесни сме за сите овие планови, но и ние сме подготвени“, рече тој.
Минатата недела Ердоган навести нова дипломатска мировна иницијатива со Дамаск, сугерирајќи можна покана до сирискиот претседател Башар ал Асад.
Тој се осврна и на односите со северен Ирак.
„Нашиот однос кон администрацијата во Сулејманија во северен Ирак нема да се промени додека не се дистанцираат од терористичката организација ПКК“, рече Ердоган.
Во последниве месеци, Туркије се пожали на соработката меѓу Патриотскиот сојуз на Курдистан (ПУК) во Сулејманија и терористичката група ПКК.
Ердоган ја коментираше и разорната војна на Израел во Појасот Газа, која трае веќе девет месеци.
„Оние кои сакаат да застанат на вистинската страна на историјата треба да ја признаат државата Палестина. Чесен и фер пристап тоа го бара “, рече турскиот лидер.
Ердоган, исто така, изрази незадоволство од ограничувањата на Германија во контекст на продажбата на одбранбената индустрија, велејќи дека таквите ограничувања меѓу сојузниците на НАТО не доликуваат на НАТО алијансата.
Тој, исто така, се спротивстави на германската царинска управа за прекин на снабдувањето со турбини за нуклеарната централа Акују, која е во изградба во јужна Туркије.
Коментирајќи го процесот на набавка на авиони Ф-16 од САД, Ердоган рече дека министрите и институциите внимателно го следат процесот за да се добијат брзи резултати.
Ердоган истакна дека приоритет е исполнувањето на барањата на Туркије за Ф-16, додавајќи дека фокусот не треба да биде на финансиските аспекти.
Конечно, тој најави и можна посета на Кина по Генералното собрание на Обединетите нации оваа есен, изразувајќи надеж дека кинескиот претседател Си Џинпинг следната година ќе оствари возвратна посета на Туркије.