Со почит ги поздравувам нашите браќа од Сирија кои извојуваа славна победа по 13 години борба, рече Ердоган / Photo: AA

Единствената цел на Туркије е да обезбеди мир, спокојство и стабилност во целиот регион, почнувајќи од Сирија, изјави во средата турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган зборуваше на состанокот на пратеничката група на Партијата на правдата и развојот (АК Партијата) во турскиот парламент.

„Воодушевени сме секогаш кога ќе го видиме знамето на слободна Сирија до нашето знаме со полумесечината и ѕвездата во Алепо, Дамаск, Хама, Хомс, Дара и Манбиџ“, рече турскиот претседател.

Тој рече дека Туркије ја продолжува својата борба против терористичката организација ПКК.

„Ќе ја елиминираме терористичката организација ПКК која се обидува да изгради ѕид од крв меѓу нас и нашите браќа и сестри Курди“, додаде Ердоган, мислејќи на терористичката група присутна и во Сирија и во Ирак, чија повеќедецениска кампања против Туркије однесе 40.000 животи.

Тој накратко се осврна на последните настани во Сирија.

„Со почит ги поздравувам нашите браќа од Сирија кои извојуваа славна победа по 13 години борба“, рече Ердоган.

Тој потсети и на зборовите на првиот претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, дека „Турците се наша надеж додека се живи“.

Тој исто така посочи дека „според сите показатели, економијата на Турција во доменот на инвестиции, производство, вработеност и извоз прави сигурни чекори кон поставените цели за раст“.

TRT Balkan / агенции
Популарни