Со пригодни манифестации и програми низ Туркије, денес се одбележува националниот празник Ден на победата, посветен на големата победа што турските сили ја извојуваа пред точно 101 година.
Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека станува збор за една од клучните пресвртници во повеќевековната борба за опстанок на турскиот народ.
„Љубовта кон слободата, која е најважната карактеристика на нашата нација, и денес е многу присутна кај нашиот народ“, порача Ердоган во пораката по повод 30 Август, Денот на победата.
Претседателот на Туркије му го честита празникот на турскиот народ во земјата и во дијаспората.
„Оваа битка е една од најклучните пресвртници во повеќевековната борба на нашата нација за опстанок“, рече претседателот Ердоган.
Тој потсети на зборовите на војсководецот и основач на модерна Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, дека победата на 30 август 1922 година е големо дело кое уште еднаш ја потврдува високата моќ и херојството на турската војска, турските офицери и командниот персонал.
„Љубовта кон слободата, која е најважна карактеристика на нашиот народ, и денес е силно присутна. Одговорот на нашиот народ на нападите насочени кон нашиот опстанок во последните години, особено во епскиот отпор наспроти предавството на 15 јули, повеќепати покажа колку оваа волја е жива и постојана“, наведе Ердоган.
Тој потсети дека на изборите на 14 и 28 мај оваа година е надминат уште еден критичен праг на патот до целта.
„Со новите чекори што ќе ги преземаме во наредниот период, ќе ја зацврстиме моќта на нашата земја и ќе ја издигнеме Туркије на ниво над современите цивилизации. Секако дека нашата визија за столетието на Туркије ќе ја претвориме во реалност. Тоа ќе го сториме сите заедно, сите 85 милиони, рака под рака, срце крај срце. Како народ кој ја прекина играта, ние со сето срце веруваме дека иднината ќе ни биде многу посветла и попросперитетна“, додаде Ердоган.
Празникот Ден на победата се одбележува во знак на сеќавање на последната битка во војната за независност, по која е прогласена модерна Република Туркије.
Предводени од војсководецот и основач на модерна Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, турските сили на денешен ден, пред 101 година, забележаа голема победа во Битката на Думлупинар, последната во Војната за независност на Туркије, водена од 1919 до 1922 година.