Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека гнасниот терористички напад врз објектот на турската Воздухопловна и вселенска индустрија (ТУСАШ) во подрачјето на главниот град Анкара всушност бил насочен кон опстанокот, мирот и одбраната на земјата.
Претседателот Ердоган рече дека тоа е подмолен напад врз идеалот за „целосно независна Туркије“, која прави извонреден напредок во одбранбената индустрија.
„Терористичкиот напад врз ТУСАШ, една од локомотивите на организациите на турската одбранбена индустрија, е подмолен напад кој е насочен кон опстанокот на нашата земја, мирот на нашата нација и нашите одбранбени иницијативи кои се симбол на нашиот идеал за „Целосно независна Туркије“, напиша Ердоган на социјалната мрежа X.
Турскиот претседател истакна дека безбедносните сили во земајта брзо интервенирале и ги неутрализирале терористите.
„Нашиот народ нека знае дека валканите раце што посегнуваат кон Туркије ќе бидат скршени. Ниту една организација, ниту една терористичка група, ниту еден извор на зло што ја напаѓа нашата безбедност нема да ги постигне своите цели. Одлучно ќе продолжи нашата борба против сите видови терористички закани и нивните поддржувачи“, нагласи Ердоган.
Изразувајќи сочувство до жртвите од нападот и до целата нација, турскиот претседател на ранетите им посака брзо закрепнување.