Ердоган посочи дека очекува сите да разберат дека во иднината на Туркије нема место за тероризмот и неговата темна сенка / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије одлучно ќе ја продолжи борбата против терористичката организација ФЕТО.

Ердоган денеска се обрати на собирот на претставници на владејачката Партија на правдата и развојот (АК) во турската престолнина Анкара, а ја коментираше и смртта на водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен.

„Заедно со народот на Туркије, ноќта на 15 јули, им покажавме на терористите, предавници од редовите на ФЕТО, кои сееја смрт со секакво оружје, каде им е местото“, рече турскиот претседател.

Тој посочи дека водачот на терористите на ФЕТО бил некој што „манипулирал со деца“.

„Крајот на оние кои манипулираа со нашите деца тврдејќи дека помагаат е нечесна смрт како другите сатани преправени во човечки суштества“, рече Ердоган, додавајќи дека борбата против терористите на ФЕТО продолжува.

„Сите институции на нашата земја, без разлика дали се во земјата или во најоддалечениот дел на светот, ќе им дишат во врат на глутницата хиени на терористичката организација ФЕТО“, рече тој.

Ердоган посочи дека очекува сите да разберат дека во иднината на Туркије нема место за тероризмот и „неговата темна сенка“.

Тој потоа се осврна на настаните на Блискиот Исток, особено во Газа и Либан.

„Се обидуваме да го зајакнеме нашиот внатрешен фронт, бидејќи огнот што Израел го запали во Газа и сега го носи во Либан од ден на ден е се поблиску до нашите граници“, рече Ердоган.

Тој исто така посочи дека Туркије сака да ја подобри соработката со групата БРИКС, изразувајќи уверување дека актуелниот самит на БРИКС во рускиот град Казан ќе биде од клучно значење за зајакнување на соработката на официјална Анкара со тој блок земји.

Лидерите на земјите од БРИКС пристигнуваа во Казан за да учествуваат на самитот на организацијата во вторник, на кој се очекува да учествуваат 22 шефови на држави и шест шефови на меѓународни организации.

Турскиот претседател треба да пристигне на средбата како гостин во среда.

Тридневниот самит на БРИКС ги вклучува долгогодишните членки Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, заедно со Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

AA
Популарни