Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, вчера свечено ја отвори новоизградената Градска болница во Измир и порача дека станува збор за еден од најголемите и најмодерните здравствени комплекси во светот.
„Ова е еден од најголемите и најмодерните здравствени комплекси во светот. Со 6 болници, тој е симбол на нашата политика“, порача Ердоган.
Укажувајќи на значењето на проектот за изградбата на овој импозантен здравствен објект со капацитет од 2.600 болнички легла и соодветната патна инфраструктура, Ердоган најави дека Туркије следниот месец ќе вработи дополнителни 35.000 здравствени работници, вклучувајќи и 15.000 медицински сестри.
Турскиот претседател порача дека Измир заслужува ваков комплекс со затворена површина од 628.000 квадратни метри, голем капацитет на легла, одделенија за интензивна нега, операциони сали, затворен и отворен паркинг и други одделенија.
„Тоа не се само зборови, тоа се дела. Градската болница во Измир е еден од најголемите, најкапацитетните и најмодерните здравствени комплекси, не само во нашата земја, туку и во светот. Оваа величенствена инвестиција, која вклучува 6 различни болници, е значаен симбол на нашата политика на работа и услуги. Претходно го изградивме тунелот Сабунџу бели меѓу Маниса и Измир. Исто така, изградивме и многу патишта на брегот и тунелот Конак“, рече Ердоган.
Тој потсети дека Партијата на правда и развој (АК партија) со доаѓањето на власт во 2002 година најавила дека Туркије ќе ја доведе на највисоко ниво во полето на образованието, здравството, правосудството и безбедноста.
„Подоцна на тоа додадовме и многу други сектори, од транспорт и енергетика, до спорт и социјална поддршка. Денес, 21 година подоцна, среќни сме што ги исполнивме ветувањата што ѝ ги дадовме на нашата нација“, порача Ердоган.
Претседателот Ердоган порача дека Туркије одлучно ќе продолжи по патот на развој на сите полиња.
„Туркије стои цврсто, бидејќи успеа да стане политички, економски и воено независна сила, за што сонуваа нашите предци и основачите на Републиката“, заклучи Ердоган.