Преку предлозите и напорите на нашата земја, нападот врз светите книги беше осуден и во декларацијата на Г-20, рече Ердоган / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во неделата рече дека разговарал за борбените авиони Ф-16 за време на краткиот разговор со неговиот американски колега Џо Бајден на маргините на самитот на лидерите на Г-20.

„Имавме брз разговор со Бајден. Разговаравме и за прашањето за Ф-16“, рече Ердоган на прес-конференцијата по самитот на Г-20 во Индија.

Лидерите на Г-20, во отсуство на рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, се собраа во главниот град Њу Делхи на дводневен самит на тема „Една земја, едно семејство, една иднина“.

„За жал, пријателите постојано ја покренуваат Шведска кога станува збор за прашањето за Ф-16. Таквиот пристап сериозно не вознемирува“, рече Ердоган.

Евентуалниот пристап на Шведска во НАТО е во дискреција на турскиот парламент, повтори претседателот.

На самитот на НАТО во јули во Литванија, Ердоган се согласи да ја проследи до турскиот парламент кандидатурата на Шведска за влез во НАТО на гласање за ратификација. Со оглед на тоа што парламентот моментално е на летен одмор, гласањето ќе биде на есен. Сите сегашни членки на НАТО треба да се согласат со какви било нови дополнувања.

Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година.

Иако Туркије го одобри членството на Финска во НАТО, таа чека Шведска да ги исполни своите обврски да не им дава засолниште на терористите или поддржувачите на терористите и да не ги олеснува нивните акции.

„Не сум во момент кога можам сам да одлучувам. Тоа мора да биде усвоено од парламентот. Шведска мора да ги исполни своите должности“, рече Ердоган.

Туркије нагласува дека кандидатурата на Шведска за НАТО и купувањето Ф-16 на Турција од САД не се поврзани една со друга.

Анкара побара борбени авиони Ф-16 и комплети за модернизација во октомври 2021 година. Договорот од 6 милијарди долари ќе вклучува продажба на 40 авиони, како и комплети за модернизација за 79 воени авиони кои веќе се во инвентарот на турските воздухопловни сили. Стејт департментот неформално го извести Конгресот за потенцијалната продажба.

Сепак, клучните пратеници во Капитол Хил ветија дека ќе го поништат договорот поради неколку барања, вклучително и условување на купувањето со одобрување од Анкара на шведската кандидатура за членство во НАТО.

Анкара тврди дека авионите ќе ја зајакнат не само Туркије туку и НАТО.

Борба против исламофобијата

Во врска со неодамнешните провокативни дејства и палењето на копии на Куранот, муслиманската света книга, во некои западни земји, Ердоган рече дека Туркије ќе продолжи со својата борба против исламофобијата.

„За жал, повеќето земји кои ја бранат демократијата и човековите права изиграваат три мајмуни пред ова варварство. Палењето на светиот Куран под полициска заштита е отворена провокација, злосторство од омраза. Никој не може да очекува од нас да молчиме наспроти ова“, додаде тој.

За заедничката иднина на сите луѓе, Ердоган рече дека верува оти сите земји каде што исламофобијата е во пораст треба да водат „порешителна“ политика против неа.

Исламофобични личности и групи во Северна Европа во последниве месеци постојано спроведуваа палење на Куранот и слични обиди да ја сквернават муслиманската света книга, предизвикувајќи гнев кај муслиманските земји и светот.

„Преку предлозите и напорите на нашата земја, нападот врз светите книги беше осуден и во декларацијата на Г-20“, рече Ердоган.

Осврнувајќи се на процесот за членство на Анкара во ЕУ, Ердоган рече: „Земјите-членки на ЕУ нè закочуваат 50 години, а и денес нè заглавуваат. Без разлика дали нè заглавуваат или не, Туркије е Туркије; ние ќе продолжиме по нашиот пат“.

На маргините на самитот на Г-20, Ердоган се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со кого разговараше за односите Туркије-ЕУ и чекорите што треба да се преземат за целосен пристап на Туркије во ЕУ.

Туркије аплицираше за членство во ЕУ во 1987 година и е земја кандидат од 1999 година.

Преговорите за полноправно членство започнаа во октомври 2005 година, но беа во застој во последниве години поради политичките пречки поставени од некои земји.

Ероган се осврна на силниот земјотрес кој го потресе Мароко и истакна: „Како земја која пред 6 месеци доживеа катастрофален земјотрес, подготвени сме со сите свои капацитети да им помогнеме на мароканските браќа.“

Зборувајќи за климатските промени и обновливите извори на енергија, турскиот претседател рече дека како земја преземаат важни чекори, како на полето на обновливата енергија, така и на полето на инвестициите во нуклеарната енергија и водородот.

Ердоган рече дека Туркије верува дека е можен поправеден свет и неговата земја најмногу помага сразмерно на бруто националниот приход.

Ердоган се осврна и на договорот за црноморското жито и условите под кои тој беше договорен меѓу Украина и Русија со посредство на Туркије и Обединетите нации (ОН), потенцирајќи: „Процесот кој ја исклучува Русија по прашањето на црноморското жито веројатно нема да биде одржлив.“

Тој додаде дека Туркије вложува интензивни напори да се стави крај на војната во Украина, повикувајќи ги двете страни да избегнуваат чекори со кои се зголемуваат тензиите.

Претседателот Ердоган рече дека во Туркије наскоро ќе одржи состанок на работната група за безбедност на храната, со цел да придонесе во глобалната безбедност на храната.

AA
Популарни