Ердоган ја доби поддршката на граѓаните во областите погодени од земјотресите      Фото: TRT World

По големата несреќа предизвикана од двата силни земјотреси кои го погодија југоисточниот дел на Туркије и во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе, многу домашни и меѓународни аналитичари предвидуваа дека се уништени и шансите за реизбор на Реџепт Таип Ердоган на изборите на 14 мај.

Но, изборните резултати покажаа дека прогнозите се целосно погрешни. Ердоган и неговата Народна алијанса победија убедливо во повеќето провинции погодени од земјотресот, вклучувајќи го и Кахраманмараш каде беше епицентарот на земјотресот и другите тешко оштетени провинции како Малатја, Газиантеп, Османије, Килис и Хатај.

Од вкупно 11 провинции Ердоган и неговата АК партија се во водство во осум провинции и на претседателските и на парламентарните избори, додека Кемал Киличдароглу претседателскиот кандидат на Националната алијанса и главниот кандидат на опозициската левичарска Републиканска народна партија (ЏХП) поминаа добро само во Адана и Дијарбакир.

Резултати од претседателските избори во регионите погодени од земјотресите во Туркије TRT Balkan

Во Хатај, Киличдароглу има мала предност на претседателските избори, додека АК сепак доби многу повеќе гласови од ЏХП на парламентарните избори, со 34 отсто наспроти 28 отсто од гласовите.

Претседателот Ердоган оствари многу посети на градовите погодени од земјотресот и брзо започнува голем градежен проект низ овие региони, каде што десетици илјади објекти или се урнаа или беа сериозно оштетени.

Владата на Ердоган планира да изгради 650.000 станбени единици кои вклучуваат 143.000 селски куќи низ руралните области, каде што земјотресите предизвикаа многу жртви и голема материјална штета.

Владата вети дека на луѓето ќе им испорача најмалку 319.000 станбени единици во рок од една година, а исто така беа распоредени илјадници монтажни куќички за да ги задоволат потребите за засолниште на луѓето.

Во оваа насока, главните напори на владата да ги подобри условите за живот на жртвите од земјотресот се чини дека вродија со плод со изборните резултати кои значително ги фаворизираат сојузот предводен од Ердоган и АК партијата во најуништените провинции.

Да направиме пресек како овие провинции гласаа на 14 мај.

Кахраманмараш

Оваа медитеранска провинција со повеќе од милион жители, со двата епицентри на земјотресите од 6 февруари со јачина од 7.7 и 7.6 степени според Рихтер во областите Пазарџик и Елбистан, беше најпогодена.

Речиси 72 отсто од жителите на Кахраманмараш гласаа за Ердоган на претседателските избори, додека само 22 отсто од гласачите го избраа Киличдароглу. Гласовите за Ердоган во Кахраманмараш се речиси изедначени со гласовите од неговиот роден град Ризе, што е највисокиот процент што го освои низ цела Туркије со 72,79%.

Во однос на резултатите од парламентарните избори, партијата АК на Ердоган исто така помина многу добро, добивајќи речиси 48 отсто наспроти 16 отсто на ЏХП. Сојузникот на АК, Партијата за национално движење (МХП), доби 16 отсто, што е еднакво на уделот на гласовите на ЏХП во епицентарот на земјотресот.

Ердоган многупати го посети Кахраманмараш и во многу говори истакна дека неговиот народ, кој ги загуби своите најблиски и домовите, нема да биде оставен сам на себе. Во март, Ердоган лично присуствуваше на церемониите за поставување камен темелник за изградба на 7.353 резиденции и 620 селски куќи во Кахраманмараш.

И набргу потоа почна подигнувањето на станбените згради низ провинцијата.

Адијаман

Југоисточната покраина долго време беше бастион на АК. Како и Кахраманмараш, Адијаман исто така е тешко погоден од земјотресите. Сепак, Адијаман продолжи да гласа за Ердоган на претседателските избори со 66 отсто. Киличдароглу многу заостанува со само 31 отсто.

На парламентарните избори, АК Партијата исто така оствари голема разлика во однос на ЏХП, добивајќи 52 отсто наспроти 19 отсто за левичарската партија.

Како и Кахраманмараш, во Адијаман, владата на Ердоган започна голем градежен проект.

„Бројот на куќи што ќе ги изградиме во Адијаман ќе достигне приближно 50.000, а бројот на селските куќи ќе достигне 23.640“, рече Ердоган, за време на говорот во март во провинција на церемонијата на поставување на камен темелник за изградба на 4.431 станбени единици.

Малатија

Како Кахраманмараш и Адијаман, оваа провинција во Источна Анадолија, област погодена од земјотресот, исто така беше бастион на АК Партијата и оваа карактеристика не се промени на 14 мај.

69,39 отсто од жителите на Малатја гласале за Ердоган наспроти 27,02 отсто на Киличдароглу на претседателските избори. Покраината, исто така, ја избра АК партијата пред ЏХП на парламентарните избори со голема разлика.

Во средината на април, Ердоган присуствуваше на промоцијата на голем проект за станбена зграда во Малатија, каде што владата планира да изгради 70.000 домови и 25.300 селски куќи за преживеаните од земјотресот.

Хатај

Граничната провинција, каде се наоѓа клучното медитеранско пристаниште Искендерун, исто така беше погодена од земјотресите кои уништија многу куќи, вклучувајќи ги и историски локалитети во Антакија (Антиохија каде е центарот на провинцијата).

Иако покраината има градоначалник од редовите на ЏХП, претседателската трка беше тесна во Хатај, каде и Ердоган и Киличдароглу добија 48 отсто, со мала разлика за опозиционерот.

Но, на парламентарните избори, АК доби 34 отсто наспроти 28 отсто на ЏХП од жителите на Хатај погодени од земјотресот.

Останати провинции

Покрај овие четири провинции, кои беа меѓу најтешко погодените области од земјотресите, Ердоган доби голем дел од претседателските гласови во Газиантеп (60/35), Шанлиурфа (62/32), Османије (62/31), Килис (66/27) и Елазиг (67/28), што покажува дека и натаму има контрола над традиционалните бастиони на АК.

Во сите овие пет провинции, АК победи и на парламентарните избори со големи разлики.

Во Адана и Дијарбакир, Киличдароглу освои најмногу претседателски гласови. Но, АК е пред ЏХП на парламентарните избори во метрополата Адана.

TRT World
Популарни