Туркије планира следната година да започне со работа во еден од рудниците за злато во Нигер, објави во петокот турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека Туркије истражува злато во странство.
„Без давање на човештвото и на животната средина вредноста што ја заслужуваат, глобалната економија не може да постигне просперитет, не може да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија и не може да се воспостават мир и хармонија во светот“, рече Ердоган во говорот на Енергетскиот форум во Истанбул.
Во организација на Анадолу Агенција, а под покровителство на Министерството за енергетика и природни ресурси на Република Туркије, утрово започна Енергетскиот форум во Истанбул, а главната тема е „Заедничка иднина, заеднички цели“.
„Со седум цевководи за природен гас, два терминали за ЛНГ и 15 влезни точки, Туркије има потенцијал да стане еден од водечките светски трговски центри за енергија“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Туркије има за цел да биде меѓу првите три земји по обновливи извори на енергија во Европа до 2025 година, како и меѓу првите десет во светот.
Наведувајќи дека целта на Туркије е до 2050 година да достигне нуклеарна моќност од 20.000 мегавати, Ердоган рече:
„Кога ќе биде целосно оперативна, нуклеарната централа Акују ќе задоволува 10 отсто од потребите за електрична енергија на Туркије и ќе спречи ослободување на 35 милиони тони емисии на јаглерод“.
Истакнувајќи дека оваа недела руско-украинската војна влезе во 1.000-ден, конфликт што ја принуди Европа да ја преиспита безбедноста на своите енергетски резерви, Ердоган ги истакна ризиците од зависност од странски извори на енергија.
„Благодарение на урамнотежените врски што ги воспостави со двете страни во конфликтот, Туркије една од земјите што најдобро се снајде во тешкиот период на тековната војна“, рече Ердоган.
Енергетски независна Туркије
Ердоган рече дека придаваат големо значење на намалувањето на енергетската зависност од странските земји и олеснување на притисокот што трошоците за енергија го вршат врз турската економија.
„Со сигурни чекори продолжуваме да градиме целосно независна Туркије во енергетиката, не запоставувајќи ниту една област и без оглед на притисоците на маргиналните структури“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека енергијата е локомотива на развојот, особено заедно со сообраќајот и комуникациите. Основниот услов за индустријализација и развој е повторно енергијата.
Истанбулскиот енергетски форум ја разгледува улогата на Туркије во енергетскиот сектор, како и за финансирањето на енергетската трансформација.
Ердоган додаде дека дневното производство на Туркије на гасното поле Сакарија се зголемило на седум милиони кубни метри, а вкупното дневно домашно производство на осум милиони кубни метри.
„Најголемото откритие на резерви на нафта во нашата историја го направивме во Габор, еден од регионите каде што претходно не можевме да истражуваме поради тероризмот. Нашиот брод „Орук Реис“ започна да работи на три полиња во сомалиските мориња. Се надеваме дека добри вести од овие истражувања“, додаде тој.
Форумот се одржува во Конгресниот центар во Истанбул и собра релевантни министри од повеќе земји, претставници на турски и странски невладини организации, меѓународни организации, експерти, претставници на медиумите и водечки имиња од светот на бизнисот.