Туркије никогаш нема да прави компромиси за владеењето на правото, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Владеењето на правото е нашата заедничка цел и црвена линија. Наша должност е да го спречиме укорот од општеството преку подигање на квалитетот на правосудните служби и зголемување на довербата во судството“, рече Ердоган на церемонијата во главниот град Анкара по повод почетокот на новата судска година.
Тој додаде дека ниту еден граѓанин не треба да се сомнева во тоа дека судот е врата на правдата.
„Поради оваа причина никогаш не треба да правиме компромис за принципот на владеење на правото“, порача турскиот претседател, нагласувајќи дека Туркије продолжува со воведувањето нови судски пакети секоја година.
За заложбата што ја даде пред да биде реизбран на изборите во мај, Ердоган го повтори своето ветување дека ќе воведе нов граѓански Устав за земјата.
„Уште од 2011 година имаме еден сон. Сонуваме за Устав кој ќе ја спаси Туркије од пуч, кој ќе доликува на векот на Туркије и ќе одговара на иднината. Нашето ветување кон нацијата ќе биде првокласен Устав што ќе надополнува првокласна демократија, економија и слободи. Нашата визија за „Столетието на Туркије“ ќе биде зајакната со таков Устав“, рече Ердоган.
„Со почетокот на работата на Парламентот, ќе ги рестартираме нашите иницијативи за вкоренување на турската демократија со нов Устав“, додаде тој.
Актуелниот Устав беше воведен по воениот удар во 1980 година.
Ердоган континуирано се залагаше за изготвување нов Устав под цивилна администрација.