На подрачјето погодено од земјотресот за два месеца на корисниците ќе им бидат предадени клучевите од 75.364 домови, а до крајот на годината вкупно 200.000 / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган присуствуваше на церемонијата на отворање на Градската болница во Газиантеп и на свеченото предавање на клучевите од становите на граѓаните кои останаа без домовите во земјотресот што во февруари минатата година го погоди југоисточниот дел на земјата, јавува Анадолу.

„Нема да бидеме мирни додека не ги обновиме нашите градови погодени од земјотресот, вклучително и нивната инфраструктура во центрите на градовите и селата“, рече Ердоган во своето обраќање.

Истакна дека денеска свечено отвораат нова болница, новоизградени патишта и предаваат станови на граѓаните.

„Помина една година од земјотресот кој погоди 14 милиони луѓе, а ние брзо го исполнуваме нашето ветување дека ќе ги залечиме раните на луѓето“, рече Ердоган.

Тој истакна дека Градската болница во Газиантеп располага со затворена површина од 680 илјади метри квадратни и вкупно 1.875 кревети.

Додаде дека започнато е предавањето на клучевите од новоизградените станови на луѓето кои останаа без покрив над главата во разорниот земјотрес.

„Вчера ги доделивме првите станови на корисниците во Хатај, денес тоа го правиме во Газиантеп, во вторник во Кахраманмараш, во среда во Шанлиурфа, во четврток во Адијаман и во петок во Елазиг“, рече Ердоган.

На свеченото отворање на болницата во Газиантеп присуствуваа министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек, министерот за здравство Фахретин Коџа и други високи претставници.

Во рамки на градежните работи кои моментално во регионот ги изведува Министерството за животна средина и урбанизам, на 930 градилишта во 11 области погодени од земјотресот работат 110.450 работници.

На подрачјето погодено од земјотресот во рок од два месеца на корисниците ќе им бидат предадени клучевите од 75.364 домови, а до крајот на годината од вкупно 200.000.

Според проценката на штетите во 11-те области погодени од земјотресот, тешко оштетени и неупотребливи се вкупно 850.000 единици, од кои 680.000 домови и 170.000 стопански објекти. Штетата предизвикана од земјотресот е проценета на 104 милијарди долари.

Во разорниот земјотрес што во раните утрински часови на 6 февруари ја погоди југоисточна Туркије животот го изгубија над 53.000 граѓани.

AA
Популарни