Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, вчера присуствуваше на церемонијата на полагање камен-темелник на станбената единица и им врачи клучеви на граѓаните на Малатија, град во истоимената турска област што беше погоден од разорни земјотреси на 6 февруари.
„Не ги заборавивме изгубените животи во земјотресот, не ги заборавивме соништата што останаа под урнатините. Не можеме да ги вратиме мртвите, но одлучни сме да ги надоместиме сите други загуби“, рече претседателот на Туркије.
Ердоган положи камен-темелник за станбените единици што ќе се градат на подрачјето разорено од земјотресите и врачи клучеви за 1.442 стана, 250 куќи и 47 дуќани.
Турскиот претседател наведе дека урнатите куќи ќе ги заменат со безбедни и модерни, а обновените работни места ќе бидат покомотни. Истакна дека градовите ќе добијат нов и модерен облик. Во своето обраќање Ердоган се осврна и на изборите што се закажани за 14 мај.
„Катастрофата на столетието - земјотресите на 6 февруари и изборите што ќе се одржат на 14 мај имаат големо значење за Туркије. Туркије ќе има историски избори. Овие избори ќе ги одредат не само наредните пет години, туку и следните четврт век, половина век на нашата земја и на нашиот народ“, рече Ердоган.
Претседателот на Туркије рече дека цел е подрачјето погодено од земјотресите да се врати во нормален живот.
Ердоган претходно вети, а сега повтори, дека во првата година ќе бидат изградени 319.000 домови, од вкупно 650.000 колку што се планираат.